Во Истанбул денеска ќе се одржи бизнис форум посветен на унапредување на економската соработка меѓу Северна Македонија и Турција, како и на промоција на инвестициските потенцијали на земјата пред турската бизнис-заедница.
Настанот се организира во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, кој е дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија. Проектот го предводат Владата на Северна Македонија и Генералниот секретаријат, а се реализира во соработка со УНДП.
Целта на форумот е да се поттикнат нови деловни партнерства и инвестиции преку директно поврзување на институциите и компаниите од двете земји.
На форумот е најавено учество на премиерот Христијан Мицкоски, кој ќе предводи владина делегација составена од министри од економскиот, енергетскиот и инфраструктурниот сектор.
Од турска страна домаќин ќе биде министерот за трговија Омер Болат, а организацијата на настанот ја реализираат Министерството за трговија на Турција и Советот за надворешни економски односи (DEİK).
Во рамки на програмата ќе бидат презентирани инвестициските можности што ги нуди Северна Македонија, а предвидени се и официјални обраќања, тематски панели за трговија, енергетика и инфраструктура, како и Б2Б средби меѓу компании од двете земји.
Форумот е наменет за компании заинтересирани за проширување на своето присуство на странските пазари и воспоставување нови деловни соработки во регионот.
Настанот е дел од пошироката стратегија за промоција на Северна Македонија како атрактивна дестинација за странски инвестиции. Во рамки на овие активности, неодамна сличен бизнис форум беше организиран и во Будимпешта, со цел директна презентација на економските потенцијали на земјата пред меѓународната бизнис-заедница.
The post Бизнис форум во Истанбул: Фокус на нови инвестиции и економска соработка appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



