Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху испрати цврста порака по најавите дека САД и Иран се блиску до постигнување договор, нагласувајќи дека Техеран нема да добие нуклеарно оружје додека тој е на чело на израелската влада.
„Сè додека јас сум премиер на Израел, Иран нема да има нуклеарно оружје“, се наведува во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.
Тој истакна дека во целост се согласува со американскиот претседател Доналд Трамп кога станува збор за спречување на иранските нуклеарни амбиции.
„Претседателот Трамп и јас целосно се согласуваме околу тоа прашање“, порача Нетанјаху, додавајќи дека, според него, Иран одамна ќе поседувал атомски бомби насочени кон уништување на Израел доколку не биле неговите напори.
Во меѓувреме, иранските државни медиуми објавија нови детали за можниот меморандум за разбирање што Вашингтон и Техеран се обидуваат да го финализираат. Според агенцијата ИРНА, двете најчувствителни теми – иранската нуклеарна програма и идниот статус на Ормускиот Теснец – нема да бидат дел од првата фаза на договорот.
Меморандумот, според иранските медиуми, треба да претставува почетен чекор во поширок дипломатски процес. Преговорите за нуклеарната програма би започнале по неговото потпишување, со цел да бидат завршени во рок од 60 дена.
Техеран останува на ставот дека за управувањето со Ормускиот Теснец треба да одлучуваат регионалните држави, пред сè Иран и Оман, додека Вашингтон и неговите сојузници инсистираат на слободна и непречена меѓународна пловидба низ еден од најважните светски енергетски коридори.
Според дипломатски извори, евентуалното потпишување на договорот би можело да се случи веќе следната недела за време на самитот на Г7. Сепак, прашањата што со години претставуваат извор на тензии меѓу САД и Иран остануваат отворени и ќе бидат предмет на одделни, сложени преговори.



