Македонија денес е побезбедна и економски постабилна држава сега, отколку пред две години, порача генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, за време на своето гостување на Македонско радио 1.
Ковачки се осврна на економските показатели, борбата против криминалот и корупцијата, евроинтегративниот процес и дипломатските активности, оценувајќи дека актуелната власт постигнува резултати во повеќе клучни области.
,,Македонија е посигурна откако ја преземавме власта, Македонија која што е економски поразвиена од пред две години, Македонија која што има раст од над 3% во последните 7 квартали. Нешто што споредбено со СДС и ДУИ беше 1,1% тоа годишно, во период од 7 години по ред“, рече Ковачки.
Тој истакна дека голем број лица, меѓу кои и припадници на судската и обвинителската фела, како и поранешни функционери, веќе се изведени пред лицето на правдата, што според него е доказ за сериозна борба против криминалот.
,,Гледаме спроведување на лица кои што се од високата фела, тука пред се мислам и на судската фела, на јавнообвинителската фела, на поранешни лица од извршната власт итн. Нешто што беше мисловна именка“, кажа Ковачки.
Во однос на евроинтеграциите, генералниот секретар на владејачката партија посочи дека претходната власт ја заглавила земјата на тој пат, а опозицијата сега не остава простор за конструктивен пристап.
,,Многу е неодговорно да оставите еден таков сериозен проблем. Луѓе кои за свои лични привилегии би жртвувале се, не гледајќи ја големата слика, не создавајќи простор и можност за да се остави простор Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да го реши овој проблем, да најде решение кое што нема да задира во македонскиот идентитет, решение кое што ќе ја приближи македонија кон ЕУ, нешто за што ние се залагме од самиот почеток на формирањето на нашата партија“, вели тој.
Ковачки дополни дека во моментов се води засилена дипломатска активност со лидерите на европските држави, како и со претставниците на Европската Унија.
,,Имаме една дипломатскa активност, која што јас верувам дека би требало да вроди со плод, на партиско ниво исто така сме активни, учествуваме на сите конференции, семинари итн, на ЕПП, каде што ги презентираме нашите ставови“, посочи Ковачки.
На крајот, тој потенцираше дека најважно од сè е македонските позиции да бидат јасно претставени пред меѓународната јавност: ,,Најважно од се е да се кажува и да се говори македонската вистина“.



