Лајкова со провокации, лаги и навреди од Брисел: Во Македонија се зборува дијалект, преовладува население со бугарско потекло, а историјата е вештачка и фалсификат

Во обраќање полно со лаги и навреди, бугарската европратеничка Рада Лајкова пред европските институции го почна говорот со палењето на дипломатските возила пред бугарската амбасада во Скопје и упати барање до Европската Унија за заштита на правата на Бугарите во Македонија.

Таа обвини дека за време на инцидентот биле присутни полициски службеници кои не интервенирале, што, според неа, му овозможило на сторителот непречено да го изврши делото. Таа рече дека очекувала бугарските интереси да се почитуваат и да не се дозволи подигрување со нив.

Во своето излагање, Лајкова побара од Брисел да ги заштити правата на Бугарите во Македонија и ги изнесе следните ставови пред европратениците, со цел да ја објасни „проблематиката на Балканот“.

Покрај останатите, изнесе уште една навреда кон Македонија: Дека во земјава се зборувал „дијалект на бугарскиот јазик“, а преовладувачкиот дел од населението било од „бугарско потекло“.

„Оваа македонска историја е вештачка. Таа е фалсификат што е напишан во Белград од србокомунистичките историчари“, рече таа.

Европратеничката ги критикуваше и институциите на Европската Унија. Таа вели дека паралелно со слушањето на зборови за европските вредности и иднината на Западен Балкан, десетици илјади Бугари во Македонија се соочуваат со системско потиснување на нивните права, иако на последниот попис, во Македонија има 3.504 Бугари, а само 762 зборуваат бугарски дома.

Пронајдете не на следниве мрежи: