Норвешка воведува речиси целосна забрана за користење на алатките со вештачка интелигенција за учениците од основните училишта, а истовремено ја ограничува нивната употреба во образованието на постарите деца за да го спречи негативното влијание врз учењето, соопшти премиерот на земјата.
Соочена со голем пад на резултатите од тестирањата, владата во 2024 година ги забрани паметните телефони во училиштата. „Користењето на вештачката интелигенција го зголемува ризикот малите деца да ги прескокнат важните чекори во своето образование“, изјави премиерот Јонас Гар Стере на вчерашната прес-конференција.
„Најважно во училиштето е нашите деца да научат да читаат, пишуваат и да сметаат“, рече Стере, додавајќи дека новите стандарди ќе се воведат од новата училишна година, која започнува кон крајот на август.
Учениците од прво до седмо одделение, на возраст од шест до 13 години, по правило не би требало да користат вештачка интелигенција, додека оние во повисоките одделенија од основното образование (од 14 до 16 години) можат претпазливо да ги усвојуваат овие алатки под надзор на наставник, наведе владата.
Во средното образование, пак, за учениците од 17 до 19 години, тие би требало да научат правилно да ја користат вештачката интелигенција за да бидат подготвени за понатамошното образование и работа, се додава во соопштението.
Норвешка започна да воведува компјутери во училниците во деведесеттите години, а таблети од 2010 година наваму, со што се намали зависноста од книги и од пишување со рака. Меѓутоа, менувајќи го овој тренд во спротивна насока, владата исто така соопшти дека ќе предложи законски измени за финансирање на поголема употреба на печатени книги во училниците.
Норвешката влада во април најави и планови за забрана на користењето социјални мрежи до 16-годишна возраст, следејќи го трендот што го започнаа Австралија и некои други земји, со цел да се намали употребата на електронски уреди меѓу младите.



