РКЕ утре ќе одлучува: Ќе има ли драстично намалување на цените на горивата по големиот пад на цената на нафтата?

По неколку месеци раст на цените на горивата, на домашниот пазар се појавуваат првите сигнали за можно значително поевтинување. Намалувањето на цената на суровата нафта на светските берзи и позитивните сигнали од мировните разговори на Блискиот Исток ги зголемуваат очекувањата дека веќе од утре возачите ќе плаќаат помалку за бензин и дизел.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека според владините пресметки, бензините би можеле да поевтинат за околу четири денари по литар, додека кај дизел горивото се очекува намалување и до седум денари. Сепак, конечната одлука ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на редовната седница во понеделник.

Според Мицкоски, падот на цената на нафтата е резултат на намалените геополитички тензии и напредокот во мировните преговори меѓу САД и Иран. Тој посочи дека и покрај позитивните трендови, ќе биде потребно време за целосна стабилизација на транспортните и снабдувачките синџири на глобалниот пазар.

Во изминатите месеци, конфликтите на Блискиот Исток и стравувањата за нарушување на транспортот преку Хормускиот Теснец предизвикаа сериозни ценовни турбуленции. Како резултат на тоа, цените на бензините и дизелот во Македонија неколкупати беа коригирани нагоре.

Последната одлука на РКЕ донесе ново поскапување, при што еуросупер БС-95 достигна 77,5 денари за литар, а дизелот 73 денари. Доколку прогнозите за утрешното намалување се остварат, тоа би било едно од најголемите поевтинувања на горивата во последните месеци.

Експертите оценуваат дека понатамошното движење на цените ќе зависи од развојот на геополитичката состојба, цената на суровата нафта и курсот на американскиот долар. Владата очекува до крајот на годината нафтата да се стабилизира во распон од 70 до 80 долари за барел, што би можело да придонесе за подолгорочна ценовна стабилност на домашниот пазар на горива.

Пронајдете не на следниве мрежи: