„Менуваме“ ќе протестира за повеќе лични асистенти и редовни надоместоци за луѓето со попреченост

Намалувањето на часовите за лична асистенција, нередовните исплати на паричните надоместоци, доцнењата во финансиската поддршка, нерешените законски измени и недостатокот на ефикасно спроведување на политиките поврзани со попреченоста директно влијаат на секојдневниот живот на илјадници граѓани, велат од Коалицијата „Менуваме“, која на 25 јуни во 17:30 часот организира протест пред Министерството социјална политика, демографија и млади.

„За достоинствен живот“ е слоганот на протестот, а од „Менуваме“ нагласуваат дека со месеци и години, децата и лицата со попреченост се соочуваат со неизвесност дали ќе ги остварат правата загарантирани со закон.

„Правата што треба да обезбедат самостоен живот, еднакво учество и социјална инклузија премногу често се одложуваат, намалуваат или негираат“, велат од Колицијата.

Сметаат дека намалувањето на часовите за лична асистентиција, доцнењето на надоместоците и неефикасноста во политики не се само административни прашања, туку, како што велат, се прашања за достоинство, еднаквост и основни човекови права.

„Република Македонија презеде обврски според Уставот, националното законодавство и Конвенцијата на Обединетите нации за попреченост на лицата со попреченост за да обезбеди лицата со попреченост да можат да живеат независно, целосно да учествуваат во општеството и да уживаат еднаква заштита на своите права. Овие обврски мора да се преточат во конкретни дејствија“, посочуваат од „Менуваме“.

По консултации со лицата со попреченост, родителите, организациите и членовите на заедницата на лицата со попреченост, од Коалицијата „Менуваме“ до владата упатуваат повеќе барања, меѓу кое и итно враќање на 80-те часа за лична асистенција.

Пронајдете не на следниве мрежи: