Ребалансот на буџетот ќе биде разгледан утре на владина седница. Ќе има корекција на буџетскиот дефицит, поточно негово зголемување, потврди министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Според неа, корекцијата доаѓа поради зголемените потреби за финансирање на капитални инвестиции. Корекции ќе има и на приходната страна, во делот за акцизите, поради мерките за горивата како одговор на кризата.
На прашањето колку чинеле мерките, намалувањето на ДДВ и акцизите за горивата, министерката рече дека акцизата треба да се корегира за околу 1,5 милијарди денари. Но, таа рече дека во моментов е тешко да се направат точни пресметки.
„Она што можам да го кажам во овој момент е дека ќе имаме одредена корекција на буџетскиот дефицит во пораст и за првпат ќе имаме зголемување на буџетскиот дефицит како резултат на зголемените потреби за финансирање на капитални расходи, имено капитални инвестиции, што мислам дека ја оправдува ситуацијата согласно законот за буџет.
И во исто време, имаме и одредени корекции, на приходната страна, во делот за акцизите поради сите тие мерки што ги имавме во изминатиот период“, изјави Гордана Димитриеска-Кочоска.
The post Димитриевска-Кочоска: Ребалансот на буџетот ќе биде разгледан утре на владина седница appeared first on Во Центар.



