Тројца ученици се убиени, а повеќе се повредени откако двајца нивни врсници отвориле оган во средно училиште во централниотт дел од Филипини, соопшти полицијата.
Истражителите веруваат дека осомничените, на возраст од 14 и 15 години, биле мотивирани од „омраза“ поврзана со малтретирање. Едниот бил уапсен набргу по пукањето во Националното средно училиште „Сан Хозе“ во градот Таклобан, додека вториот подоцна се предал.
Осомничените биле вооружени со револвер калибар .38 и пиштол од 9 мм, од кои вториот ѝ припаѓал на полицајка, роднина на еден од осомничените, која сега е во притвор.
Насилството со оружје не е невообичаено на Филипините, но пукањата во училиштата се исклучително ретки.
„Црвените знамиња“ во однесувањето на тинејџерите биле пропуштени, како и можноста злосторството да биде спречено, изјави портпаролот на националната полиција за новинарите во понеделник.
– Двајцата осомничени отишле директно во училницата. Без да кажат ништо, почнале да пукаат. Првично, се чини дека мотивот на злосторството е омраза кон малтретирањето во училиштето – изјави полковникот Ален Реј Ко за новинарите.
Тој додаде дека во оваа фаза од истрагата не е јасно дали наменетите цели биле во таа училница.
– Околу 40 празни чаури биле пронајдени на местото на злосторството. Покрај трите лица кои загинаа, тројца биле повредени од истрели, а четворица се повредиле во „паниката“ при бегство – додаде тој.
Истражителите пронашле насилни видеа на социјалните мрежи на еден од тинејџерите, на кои се гледа како пука со пиштол.
– Значи, ова се очигледно црвени знамиња… не обвинуваме никого, но ако некој можеше да ги забележи овие знаци, ова можеше да се спречи – тврди Ко.
Мајката на убиениот 15-годишен ученик изјавила за Франс Прес дека лицата кои им дозволиле на стрелците пристап до оружје мора да бидат повикани на одговорност.
– Барам сопствениците на оружјето да бидат обвинети, бидејќи оружјето немаше да заврши во рацете на децата ако тие не беа одговорни – рече Џенелин Бадорија во интервју пред училиштето.
Ова е прво пукање во училиште во градот Таклобан во поновата историја, изјави Евалин Дијаз од градската полиција за Би-Би-Си.
– Ги повикуваме родителите кои имаат огнено оружје да бидат поодговорни, да го складираат правилно и да се осигураат дека е недостапно за децата – рече Дијаз.
Портпаролката на претседателот Фердинанд Маркос во понеделник изјави дека претседателот е „длабоко потресен од она што се случило“.
– Секој, особено родителите на жртвите, би почувствувал тага и страв – изјави Клер Кастро за новинарите.
Министерството за образование изрази „длабока загриженост“ поради инцидентот и повика на молитви за погодените.



