Во Собранието денеска заседава Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на чиј дневен ред е продолжувањето на амандманската расправа за Предлог-законот за судска служба и Предлог-законот за јавнообвинителска служба, двата во второ читање.
За Предлог-законот за судска служба се поднесени над 100 амандмани од пратеничките групи на СДСМ, Европски фронт и Левица, додека за законот за јавнообвинителска служба се доставени 27 амандмани од пратеничката група на СДСМ.
Заменик-министерот за правда Ален Деребан во своето образложение истакна дека законските решенија се резултат на подолготраен и инклузивен процес, усогласен со актуелната правна рамка и реформските приоритети на државата. Тој посочи дека работните текстови биле изработени пред околу една година и ставени на јавна консултација преку ЕНЕР, при што пристигнале бројни забелешки од институции, експерти и засегнати страни, кои биле разгледани и делумно вградени во финалните предлози.
Деребан нагласи дека во меѓувреме е донесен новиот Закон за административни службеници, како и дека се склучени колективни договори за вработените во судовите и обвинителствата, што наложило дополнително усогласување на законските текстови. Според него, новата правна рамка јасно предвидува дека ниту едно стекнато право на постојните вработени не се укинува, со што се гарантира правна сигурност и институционален континуитет.
Тој посочи дека една од клучните цели е унапредување на материјалниот статус на вработените, што веќе е делумно реализирано преку колективните договори, чии решенија се интегрирани и во законските одредби.
Новите закони, како што истакна Деребан, воспоставуваат модерен и посебен систем за судската и јавнообвинителската служба, со јасни и мерит-базирани правила за вработување, унапредување, оценување и мобилност. Дополнително се предвидуваат механизми за поефикасно управување со човечки ресурси, намалување на административните бариери и воведување системи за мотивација, наградување и професионален развој на кадарот.
Со овие решенија, според образложението, се исполнуваат обврските од Реформската агенда и Стратегијата за развој на правосудството 2024–2028, со цел зајакнување на капацитетите и унапредување на ефикасноста и независноста на правосудниот систем.
И двата предлог-закона се наоѓаат и на дневен ред на денешната седница на Законодавно-правната комисија.
The post СЛОЖНО: Левица, СДСМ и Европски фронт со над 100 амандмани за судската служба appeared first on Provereno.
Пронајдете не на следниве мрежи:



