Австрија нуди до 3000 евра за доброволно враќање на Сиријците во Сирија

Австриската влада најави нов пакет мерки со кои сака дополнително да го зголеми бројот на лица што ја напуштаат државата, особено меѓу сириските државјани. Министерот за внатрешни работи Герхард Карнер ја искористи полугодишната статистика за да покаже дека бројот на протерувања и доброволни заминувања расте, додека бројот на нови барања за азил опаѓа. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, во првите шест месеци од 2026 година биле регистрирани околу 7000 случаи на враќање или протерување од Австрија. Владата оценува дека овој тренд треба да продолжи и во следниот период преку нови законски решенија, финансиски стимулации и построга примена на постојните правила.

Според Карнер, бројката од околу 7000 враќања претставува рекордно високо ниво откако се води ваква статистика. Од нив, околу 400 случаи биле означени како проблематични протерувања, односно лица кои биле осудени за кривични дела или покажале агресивно однесување и одбивале соработка со властите. Федералниот директор на полицијата Михаел Такач нагласи дека токму овие случаи бараат најмногу ресурси и ангажман од безбедносните служби.

Истовремено, бројот на нови барања за азил во првата половина од годинава изнесува 5170, што е помалку во споредба со претходните години. Австриската влада го користи овој однос меѓу намалени барања за азил и зголемен број вракања како доказ дека нејзината политика дава резултати. Карнер порача дека целта е дополнително намалување на нерегуларната миграција и поефикасно спроведување на одлуките за напуштање на државата.

Меѓу мерките што повторно се актуелизираат е и идејата за воспоставување центри за враќање надвор од Европската Унија. Австрија во ова прашање соработува со Данска, Холандија и Грција. Според министерот, веќе се водат конкретни разговори со повеќе потенцијални земји партнери, а целта е до крајот на годината да биде избрана барем една држава со која би можел да се реализира ваков модел.

Построги правила за сторители на кривични дела

Вториот столб на новата политика се однесува на лицата кои извршиле кривични дела. Владата планира да овозможи протерување директно по издржување на минималниот дел од затворската казна, без потреба од согласност на осуденото лице. Такви решенија веќе постојат во Германија, а австриската коалиција составена од Народната партија(ОВП), Социјалдемократската партија(СПО) и НЕОС го има вклучено овој чекор во владината програма.

Карнер се осврна и на спроведувањето на новиот европски пакт за азил. Како пример го наведе граничниот терминал на аеродромот во Швехат, каде од јуни функционира систем за забрзани постапки. Во моментот таму се наоѓаат четири лица чии барања за азил се разгледуваат по скратена процедура. Според владата, ваквите механизми треба побрзо да утврдат кој има право на заштита, а кој треба да биде вратен во земјата на потекло.

Властите најавуваат и дополнително проширување на советувањето за враќање. Намерата е да се обезбедат повеќе информации и поддршка за лицата што размислуваат доброволно да заминат, но и построги последици за оние кои одбиваат соработка со институциите.

Финансиски поттик за сириските државјани

Најголемо внимание предизвика новата временски ограничена програма наменета за сириските државјани. Од јули до крајот на септември, лицата кои се во постапка за азил или имаат супсидијарна заштита ќе можат да добијат 3000 евра доколку доброволно ја напуштат Австрија и се вратат во Сирија. За оние кои веќе поседуваат дозвола за престој, износот ќе биде зголемен од досегашните 1000 на 1500 евра.

Министерството смета дека оваа мерка може да помогне во обновата на Сирија по падот на режимот на Башар ал Асад и истовремено да го намали товарот врз австрискиот систем за социјална поддршка и основна грижа. Карнер истакна дека доброволното враќање е значително поевтино од присилното протерување и затоа претставува подобро решение и за државата и за даночните обврзници.

Надлежните служби најавија информативна кампања со писма, електронски пораки и информативни материјали. Во процесот ќе бидат вклучени и меѓународни организации како УНХЦР и ИОМ. Според проценките на овие организации, во Сирија моментално најголема потреба постои во областа на домувањето и основното снабдување. Од падот на режимот во декември 2024 година, Австрија повторно разгледала околу 13.000 случаи на сириски државјани. Во 4400 случаи статусот на заштита бил намален или целосно укинат, додека околу 2000 лица ја напуштиле земјата во изминатите осумнаесет месеци.

Пронајдете не на следниве мрежи: