Тошковски ја преживеа и третата интерпелација: Останува на чело на МВР

По низата денешни дискусии и обвинувања за непотизам, судир на интереси, партизација на полицијата и неуспех во раководењето со МВР, Собранието не ја прифати интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, поднесена од Левица.

По завршениот претрес гласаа вкупно 77 пратеници, од кои 58 беа „против“, а 19 „за“.

Претходно, за третата интерпелација за првиот полицаец, лидерот и пратеник на Левица Димитар Апасиев во образложението ја скенираше биографијата на Тошковски и го обвини министерот дека наместо да воведе ред во институцијата, ја претворил во „фамилијарна тезга“. Министерот возврати дека интерпелацијата содржи лаги, манипулации и дека го напаѓаат само затоа што „граѓаните конечно гледаат надеж дека нешто ќе се смени и дека се работи“.

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, сумирајќи ја интерпелацијата оцени дека „Република Северна Македонија е небезбедна држава поради нејзиното Министерство за внатрешни работи“ и дека „апаратот за обезбедување на граѓаните не функционира како што треба“.

Миле Талевски од СДСМ, пак, рече дека „министерот место да го гони, го штити криминалот“.

Тошковски му одговори дека не ја научил народната мудрост оти „стопати повторена лага не станува вистина“.

Пронајдете не на следниве мрежи: