Родителите на загинатите во „Пулс“ го напуштија денешното рочиште по барањето на одбраната за изземање на обвинителката Сарамандова

Родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ во знак на револт ја напуштија судницата во КПУ „Идризово“ откако адвокатите на обвинетите на денешната седница побараа изземање на обвинителката Наташа Сарамандова.

Александар Наунов, татко на Надица Наунова која загина во пожарот во „Пулс“
Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова, во изјава за медиумите пред судницата во „Идризово“ рече оти се создава впечаток дека колку повеќе се отвораат доказите и се објаснува нивната содржина, толку повеќе фокусот се префрла од суштината кон процедурата на постапката.

„Впечатокот е дека постои силна борба Обвинителството целосно да не ѝ објасни на јавноста што значат документите и што треба да покажат за начинот на кој функционирал објектот пред трагедијата. ​Наместо повеќе одговори за тоа кој што знаел, кој контролирал и кој имал обврски да постапува, повторно гледаме прекини, приговори и атмосфера што на моменти повеќе личи на натпревар отколку на потрага кон вистината“,

рече Наунов во изјава за медиумите.
Родителите на загинатите, додаде тој, единствено што бараат е доказите да се изведат до крај, а јавноста да ја слушне целата слика и одговорноста да не се изгуби меѓу процедурите. Револтот поради барањето на одбраната, односно на адвокатите на обвинетите, за изземање на обвинителката Сарамандова ја изразија и други родители.

„Наташа Сарамандова е најдобра обвинителка заедно со обвинителот Дарко. Тие се нашата надеж дека вистината ќе биде откриена и дознаена и за нас родителите и за целата јавност, за да видат кој ги уби нашите деца. Ако ја изземат обвинителката Наташа Сарамандова, јас мислам дека не треба ни да постои судење. Верувам дека државниот обвинител Ненад Савески нема да ја изземе нашата обвинителка Наташа Сарамандова и дека ние ќе имаме мотив за да бидеме присутни на рочиштата“,

изјави Јулија Златкова, мајката на загинатиот Томас Златков.
Адвокатите на обвинетите во случајот „Пулс“ на денешното рочиште до Судот поднесоа барање за изземање на јавната обвинителка Наташа Сарамандова, поради, како што наведоа, пристрасно постапување при презентација на доказите со исклучување на елементи од доказите кои се од суштинско значење. По барањето треба да одлучува државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Денешното рочиште продолжува со изведување на материјални докази од друг јавен обвинител.

Пронајдете не на следниве мрежи: