Европската Унија ќе реагира брзо и решително доколку САД ги исполнат заканите на претседателот Доналд Трамп за воведување 100% царини на европските земји доколку тие воведат даноци за дигитални услуги на американските компании, изјави портпаролот на Европската комисија.
„Сите даноци се недискриминаторски по природа и се однесуваат подеднакво на сите големи компании, без оглед на нивното потекло. Едностраните мерки насочени кон ваквите легитимни политики се неоправдани. Доколку се спроведат, ЕУ ќе реагира брзо и решително за да ги одбрани своите права и регулаторна автономија“, изјави портпаролот на Комисијата.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска се закани дека ќе воведе 100% царини на сите стоки од земјите кои воведуваат данок на дигитални услуги на американските компании.
„Голем број европски земји моментално разговараат за воведување данок на дигитални услуги на американските компании“, напиша Трамп во објава на неговата мрежа Truth Social.
„Некои од овие земји се навистина блиску до тоа“, додаде тој.
„Нека оваа објава послужи како предупредување дека секоја земја што ќе воведе таков данок веднаш ќе се соочи со 100% царини на сите стоки испратени во САД.“
Комисијата нагласува дека ЕУ и нејзините земји-членки имаат суверено право да ги регулираат економските активности на нивна територија, во согласност со нивните демократски вредности и меѓународни обврски.
Портпаролот на Комисијата изјави дека Европската Унија „постојано поддржува глобално решение за фер оданочување на дигиталната економија, во согласност со заклучоците на министрите за финансии на Г7. Ова останува наш претпочитан пат и ние сме подготвени конструктивно да работиме за да го постигнеме“.



