Довчерашната коалиција на партии од албанскиот политички блок во власта, а новопечена партија – Вреди, по владината реконструкција ќе раководи со шест министерства, објави денеска вицепремиерот и министер за евроинтеграции Беким Сали. Тој рече дека Вреди ги „добива“ министерствата за животна средина, економија, правда, култура, евроинтеграции и Министерството за односи меѓу заедниците.
На министерските места во Правда и Култура ќе дојдат нови имиња, но според зборовите на Сали, се уште не е дефинирано кои ќе бидат тие.
„Сè уште нема финално име за правда и култура. но тоа ќе бидат две нови имиња. Актуелните министри мислам дека добро перформираат во Владата, задоволни сме како Вреди и ќе продолжат понатаму. Здравство не е дел од пакетот, не од нашиот, рече Сали.
Ова значи дека ЗНАМ би го изгубила Министереството за правда, со кое досега раководеше Игор Филков, а ВМРО-ДПМНЕ Министерството за култура, на чие чело е Зоран Љутков. Без министерското место би останал и Иван Стоилковиќ од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, кој сега е вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците.
Од ЗНАМ вчера изјавија дека сите опции се отворени до вторник, кога треба да се финализираат разговорите и да се знае пакетот на владината реконструкција.



