Не беше натпревар за фудбалските учебници, но беше натпревар што ќе остане запишан во историјата на канадскиот фудбал.
Канада, која веќе испиша историја со првиот пласман во нокаут-фазата на Светско првенство, направи уште еден чекор понатаму. Во шеснаесетфиналето на Мундијалот, Канаѓаните ја совладаа Јужна Африка со 1:0 и првпат во својата историја се пласираа во осминафиналето.
Херој на натпреварот беше Стивен Еустакио, кој во втората минута од судиското продолжение постигна прекрасен гол со волеј од далечина, од работ на шеснаесетникот, и ја скрши отпорната јужноафриканска одбрана.
Иако до самиот финиш немаше голови, тоа не значи дека недостасуваа обиди. Канада во текот на натпреварот упати 12 удари, но долго време не успеваше да ги искористи своите шанси.
Во завршницата, канадскиот тим доби дополнителна енергија со влегувањето на капитенот Алфонсо Дејвис, кој во 74. минута го запиша својот прв настап на овој Мундијал. Неговото присуство веднаш донесе поголема живост по левата страна и во последната третина од теренот.
Со оваа победа, Канада се пласираше меѓу најдобрите 16 репрезентации на Светското првенство, што е најголем успех во историјата на оваа селекција.
Во осминафиналето Канада ќе игра против победникот од дуелот меѓу Холандија и Мароко, кои својот натпревар го играат в понеделник.



