Апелациониот суд Скопје донесе правосилна пресуда со која делумно ја уважи жалбата на Зијадин Села и ја зголеми висината на надоместот што Македонија треба да му го исплати за нематеријална штета предизвикана од нападот во Собранието на 27 април 2017 година.
Со одлуката, државата е задолжена да му исплати на Села вкупно 7,8 милиони денари за повреда на личните права, телесното и душевното здравје. Апелациониот суд ја преиначил првостепената пресуда на Основниот граѓански суд Скопје, кој претходно му досудил 5,5 милиони денари.
Во образложението, второстепениот суд оценил дека првостепениот суд не ја проценил во целост сериозноста на повредите, ниту ги земал предвид сите околности што влијаат врз определувањето на правичен надомест. Според Апелација, претходно утврдениот износ не овозможувал реално обештетување и не ја отсликувал тежината на последиците што ги претрпел Села по нападот.
Со зголемениот надомест, судот ги земал предвид интензитетот и времетраењето на страдањата, влијанието врз психичката состојба и секојдневното функционирање на тужителот, како и јавниот карактер на настанот. Притоа, судот оценил дека износот претставува правична сатисфакција без да претставува прекумерна компензација.



