„Мене малку сѐ ова ми наликува на политичка шизофренија. Лош збор е и можеби не треба да се соопшти, но да го појаснам: тоа е кога вие кажувате две контрадикторни работи, а тврдите дека сте конзистентни во политиките“, изјави претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, во денешното гостување на Радио Лидер.
„Ајде да се вратиме неколку месеци наназад. Дали владејачкото мнозинство поднесе закон со кој бара, нели, да се забранат двојни државјанства за пратениците, за да се покаже дека не знам, да ѝ докажат на јавноста дека тие немале двојни пасоши, голем дел од нив? И сега, случајно, запна и ‘нема решение’“, додава Зајкова.
Претседателката на ЛДП посочува дека Владата, од една страна, вели „добро, нема да има двојни пасоши“, а од друга страна ѝ вели на дијаспората: „Слушајте, дајте ни ги вие тука парите, гласајте нѐ, ние да имаме пратеници, ама ако реши некој од вас да биде избран, е тогаш не може да бидете избрани“, бидејќи голем дел од тие луѓе што се наоѓаат во дијаспората де факто имаат двојни државјанства.
„Знаете како, ајде да ги решаваме работите една по една. Ќе помине ли законот за двојни државјанства? Јас барам да важи и за владините функционери, ако веќе таков закон се носи. Па после да одиме на тоа дали ќе имаме електронско гласање за сите или само за дијаспората. Не може вие да им го одземате пасивното избирачко право, а им велите ‘еве ви активно избирачко право’“, заклучува претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.



