Јанев по апсењето на бегалецот од Кочани: Пропустите мора да бидат утврдени, одговорност ќе има

Секој што со своето постапување или непостапување придонел за бегството на кочанецот Александар Лазаров од станицата во Кочани ќе сноси одговорност согласно закон и утврдените процедури – порача директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, откако лицето вчера беше пронајдено и приведено

Со пронаоѓањето на бегалецот, вели Јанев, не завршува и обврската за целосно расчистување на случајот, утврдување на пропустите и лоцирање на одговорноста.

„Должни сме да бидеме отчетни, транспарентни и да постапуваме со интегритет. Без разлика што лицето е повторно лишено од слобода, пропустите мора да бидат утврдени, а одговорност мора да има. Законот важи за сите – правдата стигнува, а одговорност ќе има за секој пропуст“порача директорот на БЈБ во објава на Фејсбук.

Во врска со апсењето на кочанецот, Јанев им заблагодари на колегите и раководството на СВР Скопје за, како што вели, брзото, посветено и професионално постапување со кое преку овој случај покажале и потврдиле дека полицијата има капацитет и решителност да се справи со секој предизвик.

„Овој случај уште еднаш потврди дека секој што бега од правдата порано или подоцна се соочува со законот. Никој не е недопирлив и никој не може трајно да избега од одговорност“додава Јанев.

Претходно денеска, од Министерството за внатрешни работи информираа дека вчера е приведен 41-годишниот кочанец Александар Лазаров кој се бараше со централна и меѓународна потерница откако избега од полициската станица во Кочани, каде што бил приведен поради сомненија за трговија со дрога.

Пронајдете не на следниве мрежи: