Потврдено е назначувањето на новиот премиер на Украина: Кој е Сергеј Корецки

Украинскиот парламент (Врховна рада) денес го потврди назначувањето на Сергеј Корецки за нов премиер на земјата. За неговиот избор гласаа 289 пратеници.

Пред да ја преземе функцијата премиер, Корецки беше извршен директор на државната енергетска компанија „Нафтогас“, како и на „Укрнафта“, најголемиот украински производител на нафта.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно ги истакна подготовката на земјата за претстојната зима, заштитата на енергетската и нафтената инфраструктура, стабилизацијата на економијата и ефикасното управување со меѓународната помош како клучни приоритети на новата влада. Украинските власти очекуваат дека претстојната зима ќе биде најтешката од почетокот на војната.

Обраќајќи се пред пратениците пред гласањето, Корецки ги претстави главните цели на неговиот кабинет.

„Ова подразбира целосно снабдување на одбранбените сили, зајакнување на капацитетот на украинската воена индустрија, како и поддршка на населението и системот за социјална заштита, особено за граѓаните што живеат во областите долж линијата на фронтот“, рече Корецки.

Тој особено нагласи дека подготовката на земјата за следната грејна сезона ќе биде една од најважните задачи на владата.

Меѓу приоритетите, тој ги наведе поддршката за економијата со цел зачувување на економската стабилност, продлабочување на соработката со меѓународните партнери, поефикасно користење на меѓународната помош и спроведување на програма за домување за граѓаните на Украина.

Корецки се смета за невообичаен избор за премиер во украинската политика, со оглед на тоа што не ја изградил својата кариера преку политички партии или државни институции, туку поминал повеќе од две децении во приватниот сектор, каде што водеше големи компании и управуваше со сложени деловни системи.

Според весникот „Економична правда“, неговата репутација како успешен менаџер за кризи била една од клучните причини зошто претседателот Зеленски го предложил за премиерската функција.

На крајот на 2022 година, тој го презеде управувањето со „Укрнафта“ и „Укртатнафта“ откако државата ја презеде контролата врз овие компании од олигархот Игор Коломојски.

За време на неговиот мандат, по неколку години загуби, „Укрнафта“ оствари рекордна добивка, го зголеми производството, ја прошири мрежата на бензински пумпи, започна со модернизација на средствата и стана еден од најголемите даночни обврзници меѓу државните компании.

Тој дојде на чело на „Нафтогас“ во пролетта 2025 година, откако победи на конкурсот за позицијата извршен директор. Тој ја презеде компанијата во време кога залихите на природен гас беа на историски минимум поради недоволен увоз во претходниот период.

За време на неговиот мандат, резервите на гас беа зголемени на повеќе од 13 милијарди кубни метри. Нафтогас обезбеди речиси една милијарда американски долари од сопствени извори и дополнителни 1,57 милијарди евра финансирање од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициска банка и државните банки.

Сепак, планот на владата за значително зголемување на домашното производство не е целосно реализиран поради честите руски напади врз гасната инфраструктура.

Еден од првите потези на Корецки во Нафтогас беше сеопфатна реорганизација на компанијата. По ревизијата, преклопувачките функции беа укинати, а бројот на вработени беше ревидиран, што предизвика поделени реакции во компанијата. Неговите соработници тврдеа дека ваквите мерки се неопходни за зголемување на ефикасноста.

Новиот премиер сега се соочува со многу посложена задача: примена на искуството од деловниот сектор во управувањето со земјата во воени околности.

Неговите поддржувачи ја нагласуваат способноста за донесување брзи одлуки, фокусирањето на ефикасноста и подготвеноста за усвојување непопуларни мерки како негови главни предности. Сепак, успехот на чело на владата нема да зависи само од неговите менаџерски вештини, туку и од политичката поддршка, соработката со парламентот и меѓународните партнери и способноста за координирање на различни политички интереси. Најголемиот предизвик за Корецки ќе биде да покаже дали може да ја комбинира деловната ефикасност со водењето државна политика во воено време.
The post Потврдено е назначувањето на новиот премиер на Украина: Кој е Сергеј Корецки appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: