Аргентина крена контроверзен транспарент откако се пласираше во финалето на Светското првенство

Фудбалерите на Аргентина ја победија Англија со 2-1 во полуфиналето на Светското првенство и го обезбедија своето место во финалето против Шпанија, но прославите на теренот во Атланта брзо беа засенети од потег што одекна далеку надвор од спортската сфера.

Имено, сеќавањето на вооружениот конфликт за суверенитет над Фолкландските Острови од 1982 година е сè уште длабоко врежано во националната свест, а секој натпревар против Англија е можност за нова потврда на правото на Аргентина врз јужноатлантскиот архипелаг.

Многу брзо по последниот свиреж на судијата, неколку аргентински репрезентативци поставија бело знаме на теренот со јасна порака: „Фолкландските Острови се аргентински“.

Знамето првично го држеше Лисандро Мартинез, потоа му се придружи и Ло Селсо, а играчите се собраа околу транспарентот, поставувајќи го во центарот на нивната прослава на стадионот во Атланта.

Овој потег беше директна порака и покрај претходните напори за смирување на тензиите, во кои тренерот Лионел Скалони учествуваше пред натпреварот, нагласувајќи дека станува збор само за фудбал.

Натпреварот беше прогласен за високоризичен, па затоа беше организирана безбедносна операција со повеќе од 1.600 полицајци, додека ФИФА и безбедносните служби предупредија на какви било политички пораки или пораки на омраза.

Аргентинската министерка за безбедност, Алехандра Монтеолива, дури изјави дека навивачите со знамиња или маички поврзани со Фолкландските Острови нема да имаат дозвола за влез.

Таа рече дека влезот со предмети што имаат каква било провокативна порака, без разлика дали е политичка или расна, ќе биде забранет.
The post Аргентина крена контроверзен транспарент откако се пласираше во финалето на Светското првенство appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: