Чадот од Канада го опколи стадионот на кој ќе се игра финалето на Светското првенство: Неизвесно е дали воздухот ќе се исчисти до недела, организаторите и локалните власти во паника

Само два дена пред големото финале на Светското првенство меѓу Шпанија и Аргентина, влошениот квалитет на воздухот во подрачјето на Њујорк предизвика загриженост кај организаторите и локалните власти.

Димот од шумските пожари во Канада повторно го прекри поширокото градско подрачје, поради што здравствените власти им препорачаа на граѓаните да го ограничат престојот на отворено, да избегнуваат интензивна физичка активност и, доколку е потребно, да носат заштитни маски.

Финалниот натпревар треба да се одигра во недела од 21 часот на стадионот „Њујорк–Њу Џерси“ во Ист Радерфорд, пред повеќе од 80.000 гледачи.

Квалитетот на воздухот се влоши непосредно пред пристигнувањето на шпанската репрезентација, која во полуфиналето ја совлада Франција. И покрај неповолните услови, шпанските фудбалери во четвртокот нормално тренираа на отворено и засега не се огласија по повод загадувањето.

Аргентинската репрезентација, која во полуфиналето ја победи Англија, првиот тренинг во Ист Радерфорд треба да го одржи во петок.

Загадениот воздух веќе влијаеше врз неколку спортски настани во регионот. Во средата беше одигран натпревар од женската фудбалска лига на САД и покрај густата портокалова измаглица над теренот, а организаторите воведоа дополнителни паузи за освежување поради лошиот индекс на квалитетот на воздухот.

И покрај загриженоста, засега нема официјални најави дека финалето на Светското првенство ќе биде одложено или откажано. Според временските прогнози, состојбата со квалитетот на воздухот треба да се подобри во текот на петокот, а дождот што се очекува во сабота дополнително би можел да помогне во расчистувањето на димот пред неделниот натпревар.

Пронајдете не на следниве мрежи: