ДУИ бара од Владата да одговори колку работни места се загрозени по најавата за заминување на уште еден странски инвеститор. Од партијата велат дека ова не е изолиран случај, туку продолжение на тренд во кој компании од САД и Германија го прекинуваат или го преселуваат производството од Македонија.
Според Демократската унија за интеграција, во последните две години три странски инвеститори донеле одлука да ги прекинат своите активности или да го преместат производството, што, како што оценуваат, претставува сериозен економски сигнал.
Од партијата сметаат дека причините за ваквите одлуки се поврзани со политичката и економската неизвесност, отсуството на јасна европска перспектива и нарушената деловна клима.
„Ова веќе не може да се претставува како изолиран деловен случај. Инвеститорите гледаат држава без јасна европска перспектива, со испразнет буџет, економска неизвесност, нарушени односи со соседите и сè потензични меѓуетнички односи“, наведуваат оттаму.
Од опозициската партија предупредуваат дека последиците од заминувањето на инвеститорите најмногу ги чувствуваат граѓаните, преку губење на работни места и намалување на економската активност.
ДУИ побара Владата јавно да соопшти колкав број работници се засегнати, дали и други компании најавиле повлекување и кои мерки се преземаат за задржување на постојните инвеститори.
„Заедно со инвеститорите си заминуваат и работните места, надежта и можноста за подобар живот. Владата мора да преземе одговорност за економската несигурност што ја создаде“, порачаа од ДУИ.



