Цените на нафтата паднаа синоќа на најниско ниво за повеќе од една недела , откако обновените дипломатски разговори за стабилизирање на ситуацијата во Ормутскиот теснец ги подобрија очекувањата во врска со снабдувањето на светските пазари.
Цената на северноморската нафта од типот Брент падна на околу 84 долари за барел, додека американската лесна сурова нафта WTI ослабе на околу 79 долари за барел, објави „Трејдинг економик“.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, одржа одвоени разговори со министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија и Оман за враќање на безбедноста во Ормутскиот теснец, еден од најважните поморски патишта во светот за транспорт на нафта, по прекините предизвикани од конфликтот меѓу САД и Иран.
Оман предложи воспоставување заеднички регионален механизам за управување со теснецот, што би му овозможило на Иран да собира доброволни транзитни такси за бродовите, а според медиумските извештаи, овој предлог е поддржан од неколку земји од Персискиот Залив.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Вашингтон има „добри разговори“ со Техеран, но предупреди дека американските воени напади би можеле да продолжат доколку дипломатските напори не дадат резултати.
Иран, од друга страна, се закани дека ќе одговори во случај на нови напади.
И покрај дипломатскиот напредок, ризиците во регионот се сè уште изразени.
Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала беспилотни летала што ја таргетирале нафтената инфраструктура, додека јеменските бунтовници Хути ја презедоа одговорноста за нападот врз саудискиот нафтовод Исток-Запад.
Аналитичарите проценуваат дека пазарот во моментов придава најголемо значење на можноста за намалување на ризикот од прекини во снабдувањето преку Ормутскиот теснец, низ кој минува приближно една петтина од светската трговија со нафта.
The post Цените на нафтата продолжуваат да паѓаат: Инвеститорите го следат секој збор на Трамп за Иран appeared first on Во Центар.



