2.000 туристи евакуирани во Грција; Властите ги евакуираат посетителите на безбедно место

Околу 2.000 туристи беа евакуирани од Крит поради голем шумски пожар што беснее на југот од островот, додека грчките власти продолжија со превентивните евакуации на туристичките области и населби.

Посетителите беа преместени од загрозените подрачја на побезбедни локации, а 29 лица, претежно од плажите, беа евакуирани по море.

Во Ираклион, за сместување на евакуираните лица беше отворена затворена спортска сала во Мирес, каде што се обезбедени душеци за спиење и комплети за прва помош.

Пожарот брзо се прошири во областа Ретимно, а пожарникарите се бореа со огнената стихија во текот на целата ноќ, која дополнително ја влошуваат силните ветрови. Линијата на пожарот е долга околу 20 километри, а активни жаришта се регистрирани и на островите Парос и во други делови од земјата.

Тројца пожарникари загинаа додека гаснеа пожар – двајца загинаа на Крит, додека еден пожарникар почина на Пелопонез. Двајца волонтери се здобија со полесни повреди.

Грчките власти предупредуваат дека сè уште постои многу висок ризик од пожар во голем дел од земјата, поради што противпожарните служби се во зголемена готовност.

Што да направите ако ве зафати пожар на одмор?

Доколку се најдете во област зафатена од пожар додека сте на одмор, најважно е да останете смирени и да ги следите упатствата на локалните власти.

Веднаш следете ги официјалните предупредувања и упатства од службите за итни случаи.

Доколку е наредена евакуација, не го одложувајте заминувањето и тргнете по препорачаната рута.

Понесете лични документи, телефон, полнач, лекови и основни потреби со вас.

Избегнувајте возење низ области зафатени од чад или пламен, бидејќи пожарот може брзо да се прошири.

Држете ги прозорците и вентилацијата затворени ако сте во близина на силен чад.

Доколку сте на плажа или во хотел, следете ги упатствата на персоналот и спасувачите.

Не се враќајте во евакуираната област сè додека властите не кажат дека е безбедно. 

На туристите им се препорачува пред патувањето да проверат дали има предупредување за пожар на таа дестинација и редовно да ги следат информациите од локалните власти и амбасадата на нивната земја за време на престојот.

Доколку патуваат преку туристичка агенција, важно е да останат во контакт со претставниците на агенцијата за да добијат навремени информации за можни промени во сместувањето или организирана евакуација.
The post 2.000 туристи евакуирани во Грција; Властите ги евакуираат посетителите на безбедно место appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: