Од денес до крајот на следната недела земјава ќе биде зафатена со топлотен бран кој носи температури и над 40 степени. Високите температури ќе се задржат и во текот на вечерните и ноќните часови.
За денес се најавуваат утрински температури до 21 степен и дневни до 39 степени.
Засега нема прогласување на кризна состојба поради високите температури. Здравствените власти излегоа со препораки до граѓаните.
Да се избегнува движење на отворено од 11 до 17 часот, да се носи светла и лесна облека, заштитни очила и капа, при престој на отворено да се прават чести одмори под сенка, да се внесува умерена количина храна, да се избегнува масна и висококалорична храна, како и храна која содржи голема количина шеќер, да се внесува доволно вода без да се чека да се почувствува жед.
Ранливите групи кои ги опфаќаат лицата над 60 години, бремените жени, деца, социјално ранливи, работници на отворено и хронични болните заболувања да бидат посебно дисциплинирани по однос на овие препораки и да ја земаат својата редовна терапија.
Доколку се јави чувство на зашеметеност, слабост, вознемиреност или имаат интензивна жед и главоболка, треба да се побара помош.
Со препораки излезе и Агенцијата за храна и ветеринарство. Да се купува храна од проверени места, да се избегнува купување на храна од оштетена амбалажа, а лесно расипливата храна како месо, млечни производи и јајца да не се чуваат долго време во автомобилите.
Се препорачува овошјето и зеленчукот пред употреба темелно да се измијат, а по подготовката, изладена, храната да се чува во фрижидер.
The post Топлотниот бран пристигна и во Македонија, температури над 40 степени appeared first on Provereno.



