Пожарот во кавадаречко денеска е ставен под контрола, а во текот на денот се очекува да биде изгаснат во целост. Според надлежните, ова бил еден од најтешките пожари вчера којшто најверојатно е подметнат.
– Некаде во попладневните часови, односно предвечерието, околу 21 часот, е пријавен пожар на локалитетот Раец, поточно во атарот на Раец спрема Дреново и Ќесендре. Во истиот момент избувнуваат пожари на пет локации коишто еден од друг се оддалечени по 500 до 700 метри. Значи станува збор за подметнат пожар, изјави денес градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев.
Според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, пожарот бил исклучително тежок за гаснење на тешко пристапен терен со густи грмушки, трње и стрмни ридови.
Пожарот се гаснеше од земја и од небо. Покрај пожарникарите беа активирани и два ер трактори на ДЗС и два хеликоптери – еден армиски и еден полициски.
The post Пожарот во кавадаречко најверојатно подметнат, се очекува денес да биде изгаснат appeared first on Provereno.



