Руски ракетни напади го погодија Киев, најмалку 15 мртви и десетици повредени

Најмалку 15 лица се убиени, а 42 други се повредени во бран руски напади со ракети и беспилотни летала врз Киев и областите околу украинскиот главен град, објави „Телеграф“.

Нападите, извршени ноќе, предизвикаа обемни пожари и штети на згради, магацини за храна, логистички центри и други објекти, пишува Би-Би-Си.

Според Државната служба за вонредни состојби на Украина, 14 лица загинаа, а 27 се повредени во поширокиот регион на Киев. Пожари и штети се пријавени во областите Бровари, Буча и Фастив.

Едно лице е потврдено загинато, а најмалку 15 други се повредени во градот Киев. Екипи за итни случаи работат во неколку населби на главниот град за гаснење пожари и потрага по луѓе кои можеби се заробени под урнатините.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, објави дека е уништен магацин во близина на центарот на градот, додека две лица се извлечени живи од урнатините.

„Можеби сè уште има луѓе под урнатините. Операциите за пребарување и спасување продолжуваат“, рече Кличко.

Меѓу повредените е и возач на брза помош, додека неколку лица се во критична состојба. Остатоци од ракета паднале и во близина на станбена зграда, а властите пријавиле истекување на амонијак во една од погодените области.

Руското Министерство за одбрана тврдеше дека целите на нападите биле логистички центри и точки за снабдување што се користат за воени цели. Тврдењата на страните не можеа независно да се потврдат.

Нападот доаѓа во време кога Русија ја засили употребата на балистички ракети против украинскиот главен град. Украина предупреди дека ракетните резерви за нејзините американски системи за воздушна одбрана „Патриот“ се ограничени, што го отежнува одбивањето на големи напади.
The post Руски ракетни напади го погодија Киев, најмалку 15 мртви и десетици повредени appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: