За само 63 дена, ДПМНЕ отвори три нови финансиски фронта вредни најмалку 308 милиони евра. На 26 мај, парламентарното мнозинство го задолжи народот со 260 милиони евра кај странски банки; во јули Владата посегна по седум милиони евра од М-НАВ за да ја крпи ликвидноста на ЈП државни патишта; сега се издаваат нови тригодишни и петнаесетгодишни обврзници од над 41 милион евра, со камати до 5,20%. Само во последните две недели се активирани 48 милиони евра преку позајмица и обврзници, односно по една нова финансиска операција на секои седум дена, а следната аукција веќе е најавена за 18 август. Државата со Мицкоски функционира како зависник од брзи кредити – едната рата сè уште не е легната, а раката веќе е испружена кон следниот доверител.

ДПМНЕ почна со 1 милијарда евра унгарски кредит, издаде еврообврзница од една милијарда евра, во Собранието протурка дополнителни 260 милиони, а сега додава уште 41 милион евра на домашниот пазар. Само овие пет крупни операции изнесуваат над 2,3 милијарди евра бруто-задолжување. Во истиот период јавниот долг порасна од околу 8,87 на 10,73 милијарди евра – скок од приближно 1,86 милијарди евра или речиси 21 процент. Тоа се околу 2,5 милиони евра дополнителен јавен долг дневно, 18 милиони неделно и над 77 милиони месечно.
Само во 2026 година државата ќе плати 346 милиони евра за камати – речиси 948 илјади евра дневно, 39.500 евра на час и 658 евра во секоја минута. По вредноста на новото основно училиште во Ченто, чија изградба чини околу три милиони евра, годишната камата на македонските долгови е еднаква на 115 нови училишта. Таа сума е речиси седум пати поголема од целата програма од околу 50 милиони евра за реконструкција на државните студентски домови. Само сегашните 41 милион евра обврзници одговараат на вредноста на тринаесет такви училишта.
Владата тврди дека буџетот бил во “добра кондиција“, а истовремено зема пари од компанијата задолжена за безбедноста на воздушната навигација за да сервисира потреби на патното претпријатие. Всушност почна да врши финансиско пребарување по фиоките на државата: странски банки, домашни обврзници, јавни компании – секоја сметка на која останала готовина станува мета. Самото Министерство признава дека во 2026 година доспеваат 1,56 милијарди евра главнина и камати, додека до 2030 година обврските се приближуваат до 8,8 милијарди евра. Ова е банкротерска логика на бесконечно рефинансирање: нов кредит го затвора стариот, новата обврзница ја купува следната рата, а идните буџети однапред се претвораат во плен на доверителите.
Левица бара итно објавување на целосен регистар на сите задолжувања – износ, камата, провизии, рок, грејс-период, конечна цена и точна намена на секое евро, како и договороте. Народот има право да знае колку од новите кредити создале нови болници, училишта, градинки и работни места, а колку завршиле во затворање стари дупки, предизборно пумпање на неспособните вмровски градоначалници и купување политички мир. ДПМНЕ ги троши парите во еден мандат, ги растегнува ратите до 2041 година и на секое македонско семејство му остава невидлива фактура што ќе пристигнува долго откако оваа власт ќе замине. – објавија од Левица
Пронајдете не на следниве мрежи:



