Силна експлозија одекна во четвртокот во фабрика за муниција во Колеферо, околу 40 километри југоисточно од Рим.
Според италијанските власти и локалните медиуми, во објектот најпрво избувнал пожар, по што следела силна експлозија. Полицијата и пожарникарите веќе биле на местото кога дошло до детонацијата.
Станува збор за поранешната фабрика Simmel Difesa, која денес е во сопственост на KNDS Ammo Italy. Компанијата произведува муниција со среден и голем калибар за копнените и поморските сили, како и цврсти горива за вселенски лансери.
Според првичните информации на италијанската агенција ANSA, инцидентот се случил во делот на фабриката каде што се врши пресување на барут. На местото биле испратени повеќе противпожарни екипи, но поради опасноста сè уште не можеле веднаш да интервенираат.
Во моментот на инцидентот во фабриката имало околу 20 вработени, а според досегашните информации сите се безбедни. Нема пријавени исчезнати лица, повредени или жртви.
Силната експлозија била слушната на неколку километри од фабриката. Полицијата и другите служби продолжуваат со операцијата на терен, а причината за пожарот и експлозијата сè уште не е утврдена.



