Кисела Вода повторно ќе прска против комарци во Драчево: Граѓаните да ги затворат прозорците и вратите

Откако пред два дена Министерството за здравство соопшти дека е прогласена епидемија на западнонилска треска во неколку скопски општини и во една во скопската околина, низ градот започнаа вонредни дезинсекции против ларви од комарци за заштита на здравјето на граѓаните.

Епидемијата беше прогласена во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, откако во Скопје беа евидентирани 26 заболени, главно повозрасни граѓани.

Во текот на изминатите два дена се спроведоа ларвицидни третмани во Драчево, Гази Баба и Ченто, Град Скопје најави дека повторно ќе се прска во вторник, а граѓаните се предупредени да користат средства за заштита од комарци и редовно да ја отстрануваат застоената вода од дворовите, саксиите, кофите, садовите и во другите места околу домовите.

Центарот за јавно здравје на Скопје, во соработка со Општина Кисела Вода, на 12 август спроведе ларвициден третман на подрачјето на Драчево, каде што се третираа каналите, застоените води, влажните места и другите критични точки каде што постојат услови за развој и размножување на комарците. Вечерва повторно ќе се прска во Драчево но овој пат, против возрасни комарци.

Прскањето ќе се реализира во периодот од 22 до 24 часот, при што со специјализирано возило ќе се дејствува против возрасните комарци. Оваа трета вонредна интервенција се надоврзува на досегашните активности кои започнаа кон крајот на минатиот месец со првото прскање, кое исто така беше насочено кон возрасните инсекти. Континуитетот продолжи пред два дена со втората акција, кога екипите на терен вршеа уништување на ларвите со соодветен ларвицид во каналите, застоените води и влажните места – соопштија од Кисела Вода.

Од Општината ги потсетија пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на своите пчелни семејства поради вечерашните активности и ги замолија граѓаните во наведениот временски период, доколку се во можност, да ги држат затворени прозорците и вратите од своите домови.

Пронајдете не на следниве мрежи: