Витаминот Д е познат како „витамин на сонцето“ бидејќи телото го произведува кога е изложено на сончева светлина.
Сепак, на многу луѓе им недостасува оваа важна хранлива материја дури и во лето. Околу 60 проценти од светската популација не консумира доволно витамин Д, тврди д-р Мајкл Холик, професор по медицина на Медицинскиот факултет „Чобанијан и Аведизијан“ на Универзитетот во Бостон.
Недостатокот на витамин Д може да помине без симптоми, иако некои луѓе доживуваат мускулна слабост, болки во коските или промени во расположението.
„Всушност, тоа не е само витамин, туку хормон кој ги одржува коските силни и здрави, а исто така игра улога и во мускулната функција“, објасни за „HafPost“ д-р Кендал Ф. Мозли, медицински директор на Центарот за метаболички заболувања на коските и остеопороза при Универзитетот Џонс Хопкинс.
Истражувањата се занимаваат и со улогата на витаминот Д во спречувањето на ракот, зајакнувањето на имунитетот, борбата против кардиоваскуларните заболувања и деменцијата. Лекарите објаснуваат зошто неговото ниво може да биде ниско дури и кога е сончево надвор.
Тешко е да се внесе доволно од него преку храната
„Како правило, добиваме само околу 100 до 400 меѓународни единици (IU) витамин Д дневно преку здрава исхрана, што не е доволно според повеќето стандарди“, рече Мозли.
Храна што содржи витамин Д се масните риби, како што се туната, лососот и скушата, жолчките од јајца, говедскиот црн дроб и маслото од црн дроб на бакалар. Може да се најде и во збогатеното млеко, јогуртот и житарките, но експертите истакнуваат дека сè уште е тешко да се внесе доволно само од храната.
Кожата не е доволно изложена на директна сончева светлина
Кога UVB зраците ќе ја погодат кожата, тие го активираат процесот на производство на витамин Д. Сепак, голем број работи можат да спречат доволно UVB зрачење да стигне до кожата.
Во зима или во области со многу облаци, изложеноста на сонце е помала, но дури и во сончеви денови, луѓето може да не внесуваат доволно витамин Д.
Д-р Холик особено истакнува дека времето од денот е многу важно.
„Дури и во лето, ако излезете надвор во 8 или 9 часот наутро, нема да произведете значителна количина на витамин Д“, вели тој. Истото важи и за периодот по 15 часот.
„Сè зависи од аголот под кој сончевите зраци стигнуваат до Земјата“, додаде тој.
Квалитетот на воздухот, исто така, игра улога. Ако живеете во град со големо загадување, честичките во воздухот можат да ги апсорбираат UVB зраците и да ја намалат способноста на телото да произведува витамин Д.
Во исто време, поради зголемената свест за ризикот од рак на кожа, луѓето се помалку изложени на сонце. Дерматолозите препорачуваат престој во сенка, користење крем со заштитен фактор од најмалку SPF 30 и носење заштитна облека.
„Важно е да се користи крема за сончање за да се спречи рак на кожата, но дефинитивно може да го намали производството на витамин Д“, истакна д-р Лејла Кан, ендокринолог во клиниката Кливленд.
Таа додава дека луѓето денес поминуваат помалку време на отворено бидејќи повеќето денови работат во затворен простор или возат автомобил.
Со возраста, телото произведува помалку витамин Д
Како што старееме, кожата потешко произведува витамин Д, дури и кога е изложена на сончева светлина.
„Под нормални услови, UVB зраците на кожата предизвикуваат хемиска реакција која го претвора соединението слично на холестеролот познато како 7-DHC во витамин Д“, објасни д-р Мозли.
„Со возраста, кожата постепено ги губи залихите од ова соединение. Постарата кожа е исто така потенка и реагира помалку ефикасно на УВ светлина.“
Д-р Холик додава дека 20-годишник може да произведе два до три пати повеќе витамин Д од 70-годишник со иста изложеност на сонце.
Имате потемна кожа.
Луѓето со потемна кожа имаат повеќе меланин, пигментот што им ја дава бојата на кожата, очите и косата.
Меланинот ги апсорбира УВ зраците и на тој начин обезбедува одредена заштита на кожата, но во исто време го намалува производството на витамин Д.
„Како што одминува летото и кожата потемнува, тенот делува како еден вид заштитен фактор“, вели Холик.
„За да произведете иста количина на витамин Д, тогаш би требало да бидете надвор два до четири пати подолго.“
Имате хронична болест или земате одредени лекови
Одредени медицински состојби можат да влијаат на апсорпцијата на витамин Д, вклучувајќи целијакија, нарушувања на цревата или постбаријатриска хирургија, објаснува д-р Кан.
Нивото на овој витамин може да биде под влијание и на замастен црн дроб, цироза или хронично оштетување на црниот дроб.
„Црниот дроб го претвора витаминот Д во форма наречена 25-хидроксивитамин Д“, објасни д-р Мозли.
„Ако црниот дроб не работи добро, тој чекор на конверзија може да биде нарушен, па така помалку употреблив витамин Д влегува во крвотокот.“
Луѓето со бубрежни заболувања исто така имаат зголемен ризик.
„Бубрезите го земаат витаминот Д обработен во црниот дроб и го претвораат во калцитриол, хормон кој помага во апсорпцијата на калциум и здравјето на коските“, рече таа.
Кога функцијата на бубрезите ослабува, овој процес може да биде нарушен.
Д-р Холик додава дека одредени лекови, како оние што се користат за спречување на епилептични напади, можат да го забрзаат разградувањето на витаминот Д и со тоа да го намалат неговото ниво во телото.
Како да се обезбеди доволен внес?
Бидејќи витаминот Д е тешко да се добие само од храна, а важно е да се заштити кожата од прекумерно изложување на сонце, на некои луѓе можеби ќе им требаат додатоци во исхраната.
Витаминот Д се јавува во две главни форми – Д2, кој доаѓа од растенија, и Д3, кој се наоѓа во храна од животинско потекло и се произведува со изложување на сончева светлина.
Д-р Кан вели дека Д3 генерално се препорачува бидејќи обезбедува постабилно ниво на витамин Д во телото.
На повеќето луѓе им се потребни околу 1.000 до 2.000 IU дневно, но на поединците може да им бидат потребни поголеми количини.
Бидејќи потребите варираат од личност до личност, д-р Мозли советува да разговарате за суплементација со лекар.
„Многу е важно да не земате додатоци во исхраната сами без консултација“, предупреди д-р Кан.
Премногу витамин Д може да биде штетно. Предозирањето може да доведе до проблеми со бубрезите и превисоки нивоа на калциум во крвта.
„Многу пациенти се чувствуваат многу лошо поради премногу витамин Д, бидејќи може да се појави „мозочна магла“ и замор“, вели д-р Мозли.
„Затоа дефинитивно не сакаме да го замениме еден проблем со друг.“
The post Зошто ни недостасува „витаминот на сонцето“ дури и во лето? appeared first on Во Центар.



