Во рускиот Санкт Петербург, родниот град на претседателот Владимир Путин, утрово експлодира автомобил, а според првите неофицијални информации, во експлозијата загинал руски воен офицер, наводно полковник, објави Ројтерс.
Детонацијата се случила на улицата Ростовска во моментот кога возачот го запалил моторот на кинескиот теренец „Џили“. Силата на експлозијата го разнела задниот прозорец, го откорнала капакот на моторот и задниот браник, а исто така расфрлала остатоци и делови од автомобилот десетици метри околу паркингот и патот.
Локалниот медиум „Фонтанка“ и руските канали на „Телеграм“ поврзани со безбедносните служби соопштија дека во возилото се наоѓал воен офицер и неговата сопруга. Мажот починал од повредите на местото на настанот, додека жената е во критична состојба на одделението за интензивна нега.
Каналот Клаш Репорт („Clash Report“) на социјалната мрежа X, исто така, објави дека во експлозијата загинал руски полковник. Полицијата, пожарникарите и форензичките екипи се на местото на настанот, а официјалните руски власти сè уште не ја објавиле точната причина за експлозијата и идентитетот на загинатиот офицер.



