Поранешна стјуардеса на „Ер Франс“: Ракот на дојка за прв пат е признат како професионална болест

Суд во Франција донесе одлука без преседан во воздухопловниот сектор, признавајќи го ракот на дојка кај поранешна стјуардеса на „Ер Франс“ како професионална болест.

Софи Лејнолт, 59, работеше околу 30 години во авиокомпанијата, од 1989 до 2019 година. Во текот на нејзината кариера, таа заврши повеќе од 12.600 часа лет, од кои над 6.500 ноќе.

На почетокот на јули, судот во Бајон пресуди дека нејзината болест е поврзана со работата. Одлуката зеде предвид неколку фактори, вклучувајќи редовна ноќна работа, изложеност на јонизирачко зрачење и пасивно пушење.

Тутунот бил дозволен да се консумира во авионите на „Ер Франс“ до 2000 година, објавува „Телеграф“.

Судот, исто така, утврди дека не постои генетски фактор или елемент поврзан со начинот на живот што го објаснува почетокот на болеста.

Одлуката дојде по правна битка што траеше околу две и пол години. Два регионални комитета претходно одбија да ја признаат врската помеѓу болеста и нејзината професија.

Бидејќи ракот на дојка не е вклучен во официјалниот француски список на професионални болести, неговото препознавање бара посебна и честопати долга постапка.

Адвокатката на Лејно, Елизабет Леру, изјави дека одлуката, која не е обжалена, може да постави правен преседан и да го отвори патот за слични тужби од други членови на екипажот.

„Се надевам дека ова ќе го отвори патот за други жени кои можеби досега не се осмелиле да проговорат“, изјави Лејнолт.

За поранешната стјуардеса, официјалното признавање на болеста како професионална ѝ овозможува и рано пензионирање.

„Ер Франс“, кој не беше страна во постапката, изјави дека не бил информиран за целосното образложение на судот, но нагласи дека здравјето и безбедноста на вработените остануваат „апсолутен приоритет“.

Ова не е прв случај во Франција каде што ракот на дојка е законски поврзан со условите за работа. Во 2023 година, медицинска сестра која работела ноќе 28 години и била изложена на зрачење добила слично признание.
The post Поранешна стјуардеса на „Ер Франс“: Ракот на дојка за прв пат е признат како професионална болест appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: