Мицкоски за протестите на земјоделците: Нивните барања се легитимни и како Влада ќе направиме сè за да помогнеме

Премиерот Христијан Мицкоски, денес, одговарајќи на прашање од новинарите во врска со неговиот став за најавата на земјоделците од струмичкиот регион за протести, нагласи дека нивните барања се легитимни и дека Владата, преку механизмите што ѝ се на располагање, ќе направи сè што е во нејзина моќ да им помогне.

„Апсолутно сакам да кажам дека како Влада ги поддржуваме земјоделците и нивните барања и тука нема дилема. Бидејќи тие се луѓето што нè хранат и во оваа година, која е исклучително предизвикувачка, кога во неформални кругови се користи изразот дека оваа година „мора да преживееме“, оценувам дека барањата на земјоделците се легитимни и ние како Влада, преку механизмите што ни се на располагање, ќе направиме сè што можеме да помогнеме, што впрочем го докажавме откако сме избрани како Влада“, нагласи Мицкоски.

Тој се осврна и на тоа што досега оваа Влада го направи во однос на обезбедување подобри услови за земјоделците.

„Ќе ве потсетам, нема добар принос без исчистени канали за наводнување и без полни акумулации, како што беше случај сега. Еве, денес добив информација дека, во принцип, нивото на водата во акумулациите и реките е најниско околу Голема Мерија, додека нашите акумулации се некаде околу 60%. Значи, сезоната за наводнување завршува, некаде околу 60% се полни. Ќе ве потсетам, на 23 јуни, кога беше избрана оваа Влада, процентот во акумулациите беше 7. Тие не беа акумулации, тие беа мочуришта. Ова е приближно разликата во она што го направивме за да имаме поголем принос и она што го правиме за земјоделците“, нагласи Мицкоски.

Тој ги критикуваше и претставниците на претходната влада, за кои рече дека ги уништиле и ги довеле земјоделците во мизерна состојба.

„Второ, се сеќавам на тие први состаноци на Владата, кога се дискутираше за две државни компании кои беа во многу тешка ситуација, имено дека неколку месеци на вработените не им беа исплатени плати. Зборуваме за „Национални шуми“ и „Водостопанство“ АД. Кога велам неколку, платите не беа исплатени 3-4 месеци. Исто така, се сеќавам дека во тоа време министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство извести дека од 2020 година не се исплатени субвенции. Во јуни 2024 година, од 2020 година не беа исплатени субвенции“, рече Мицкоски.
The post Мицкоски за протестите на земјоделците: Нивните барања се легитимни и како Влада ќе направиме сè за да помогнеме appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: