Руски беспилотник денеска ја погодил централната зграда на украинската Служба за безбедност (СБУ) во Киев, а според украинскиот претседател Володимир Зеленски, ударот бил директно насочен кон канцеларијата на вршителот на должноста директор на СБУ, Олександар Поклад.
Украинските медиуми објавија дека Поклад во моментот на нападот не бил во канцеларијата. По ударот избувнал пожар во зградата, која се наоѓа на улицата „Володимирска“, во непосредна близина на катедралата „Света Софија“.
Зеленски по нападот разговарал со Поклад и му наредил на СБУ да одговори на нападот.
„Му наредив на Поклад на овој руски удар да одговори соодветно, силно и, каде што е можно, со иста мерка, кога сè ќе биде подготвено. Нашата војска ќе го поддржи тој одговор“, објави Зеленски.
Силна експлозија одекнала околу 15:30 часот во областа на Златната порта, по што над центарот на Киев се издигнал густ чад. Првично било соопштено дека беспилотно летало паднало врз покрив на нестанбена зграда во Шевченковскиот округ и дека едно лице било пренесено во болница.
Подоцна било потврдено дека целта била централната зграда на СБУ. Засега нема информации за обемот на материјалната штета или за бројот на повредени.
Нападот се случува во период на засилени руски воздушни напади врз Киев и други делови од Украина. Украинските власти соопштија дека од вечерта на 3 септември Русија лансирала ракета Х-31П и 121 беспилотно летало, од кои 103 биле соборени или попречени, додека удари биле регистрирани на 15 локации.



