Очекуваме годината да ја завршиме со раст на бруто-домашниот производ (БДП) меѓу 3,5 и 4 проценти во услови кога ја имаме во светот најголемата енергетска криза којашто ја памети човештвото, изјави премиерот Христијан Мицкоски при посетата на Гевгелија.
Одговарајќи на новинарски прашања, по пуштањето во употреба на реконструираната Стара чаршија во Општина Гевгелија, Мицкоски истакна дека економската активност покажува еден тренд на консолидирање на државата, имајќи ја предвид состојбата пред три години.
-Во вториот квартал има исклучително силна економска активност во Македонија. Убедливо најголема во регионот. Сѐ уште не се познати податоците за Грција, Косово и Албанија, но споредено со сите држави во регионот, од Турција преку Бугарија, Романија, Србија, БиХ, Црна Гора, Хрватска и така натаму, имаме убедливо најголем раст, и не само во вториот квартал, туку и во првото полугодие од годината – изјави Мицкоски.
Според Мицкоски, овие резултати се постигнати во сложени глобални услови, додека светот се соочува со енергетска и економска криза, и Европската Унија бележи раст од 1,2%, а еврозоната од само 1%.
- 2024 година ја завршивме со раст на бруто-домашниот производ од отприлика 3%, 2025 година 3,5%, оваа година во првата половина сме 3,7%, очекуваме годината да ја завршиме меѓу 3,5 и 4% во услови кога ја имаме во светот најголемата енергетска криза којашто ја памети човештвото, војната во Украина, но и сѐ поголемата економска криза во Европа и тоа мислам дека претставува навистина добар и позитивен резултат – изјави Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека Владата дава максимални напори за решавање на наследените проблеми и дека по 25-26 месеци напорна работа Македонија е значително подобро место за живеење.
-Ќе повторам, дали е сѐ решено? Не е решено. Дали ќе се решава? Ќе се решава. Важно е да не правиме нови проблеми. И верувам и убеден сум дека денес Македонија е многу подобро место за живеење од пред три години, дека идеално не е идеално, и убеден сум дека за три години ќе биде многу подобро место за живеење од тоа што е денес – изјави Мицкоски.



