За првпат во запишаната историја, бројот на луѓе над 65 години го надмина бројот на деца под петгодишна возраст во светот, според новите податоци од Бирото за попис на населението на САД.
Овој глобален пад на стапките на наталитет, заедно со паралелното зголемување на очекуваниот животен век, создава демографска инверзија за која се предвидува дека ќе се продлабочува во наредните децении. Ова е силен тренд кој веќе ја менува историската рамнотежа помеѓу населението на работоспособна возраст и постарите лица.
Брзината и обемот на оваа промена се зачудувачки и го одразуваат обемот на предизвиците со кои ќе се соочат општествата во грижата за старите лица и одржувањето на пензиските системи. Повеќе од 71 процент од светската популација во 2023 година живеела во земји со стапка на фертилитет од 2,1 дете по жена или под тоа – прагот потребен за едноставно размножување на населението.
За споредба, само пред десет години (2013 година), тој процент беше 45 проценти. Експертите истакнуваат дека светот ја достигна оваа пресвртница многу порано отколку што демографите очекуваа до неодамна.
Се предвидува дека населението над 65 години ќе порасне од 852 милиони, колку што се очекува во 2025 година, на дури две милијарди во 2060 година. Зачудувачки е што само зголемувањето на бројот на стари лица ќе сочинува околу 55 проценти од вкупниот раст на глобалната популација во тој период. Во исто време, се очекува вкупното светско население да порасне од 8,13 милијарди на 10,23 милијарди.
Ниските стапки на наталитет повеќе не се резервирани само за богатите.Ерата на ниски стапки на наталитет се прошири далеку надвор од границите на развиените земји. Кина и Индија, двете најнаселени земји во светот, сега имаат стапки на наталитет под прагот од 2,1 дете. Бангладеш, Мексико и Виетнам се исто така меѓу најнаселените земји кои паднале под ова ниво од 2013 година.
Во многу земји, ова намалување создава она што извештајот го нарекува „стапица на плодноста“. Помалите генерации млади луѓе ги следат поголемите генерации постари, забрзувајќи го вкупното стареење на населението и, на некои места, доведувајќи до евентуално намалување на населението.
Во пракса, ова значи помалку потенцијални работници кои треба да ја издржуваат сè побројната постара популација, што ќе создаде огромен притисок врз здравствените системи, пазарот на трудот и долгорочната нега.
Европа е најстара, но Азија старее најбрзо
Иако Европа останува регион со најстаро население во светот, најголемата бројна промена допрва треба да се случи на другите континенти:
Азија: Се очекува населението над 65 години во Азија да порасне од 487 милиони на огромни 1,24 милијарди до 2060 година, што претставува приближно две третини од вкупниот глобален раст во оваа категорија.
Африка: Иако останува убедливо најмладиот регион, се предвидува дека нејзиното постаро население ќе се зголеми повеќе од четирикратно – од 60 милиони на 249 милиони до 2060 година, надминувајќи ја Европа (214 милиони) во однос на бројот на стари лица.
Глобално, процентот на луѓе над 65 години речиси ќе се удвои до 2060 година – од сегашните 10,5 проценти на 19,6 проценти.
Сепак, во извештајот се нагласува дека растечкиот процент на постари граѓани не мора да значи катастрофа. Подолгиот животен век претставува едно од најголемите достигнувања на цивилизацијата од минатиот век: има драстично помалку смртни случаи во раната и средната возраст, а повеќе луѓе живеат до длабока старост.
Покрај тоа, постарите луѓе поретко извршуваат кривични дела, а многу од нив можат (и сакаат) да останат активни на пазарот на трудот, со што помагаат во решавањето на хроничниот недостиг на работна сила. Нивниот придонес во општеството е непроценлив преку волонтирање и грижа за нивните внуци и заедницата.
Демографските промени би можеле да ги принудат општествата да ја променат парадигмата и да почнат да ја гледаат староста како економски ресурс, а не само како трошок. Со добра превентивна здравствена заштита, подолг работен век и работни места прилагодени на постарите генерации, продолжениот човечки живот би можел да се претвори во поздрави и економски најкорисни години.
The post Никогаш помалку бебиња, никогаш повеќе постари лица: За првпат во светот има повеќе луѓе над 65 години отколку мали деца appeared first on Во Центар.



