Нова тензија меѓу Аргентина и Британија: Аргентина се закани со санкции поради Фолкландските Острови

Аргентина повторно го заострува повеќедеценискиот спор со Велика Британија околу Фолкландските Острови, откако претседателот Хавиер Мајли најави санкции против компании кои учествуваат во нафтени проекти во близина на архипелагот.

Мајли во обраќање до јавноста порача дека Аргентина и натаму ги смета островите, кои во земјата се нарекуваат Малвини, за своја територија и најави предлог-закон со кој би можеле да бидат санкционирани енергетските компании вклучени во експлоатацијата на нафта.

Во центарот на спорот е нафтеното поле „Си Лајон“, оддалечено околу 210 километри од островите. Според проценките наведени во извештаите, таму би можело да има околу 1,7 милијарди барели нафта.

Британската „Рокхопер Експлорејшн“ и израелската „Навитас Петролеум“ планираат производство во следните години, а Мајли сака Аргентина да преземе мерки пред проектот да влезе во целосна реализација.

„Ако не дејствуваме брзо, за неколку месеци тие ќе имаат техничка можност да пристапат до нафтата под нашето море“, порача аргентинскиот претседател.

Засега не е познато какви конкретни санкции би биле воведени и колкав би бил нивниот практичен ефект. Аргентина веќе има законски механизми за ограничување на активностите на компании кои учествуваат во проекти што Буенос Аирес ги смета за неовластени.

Мајли гледа можност и во Вашингтон
Дополнително внимание предизвикаа изјавите на Мајли за позицијата на САД. Тој тврди дека Вашингтон би можел да го преиспита досегашниот став кон спорот, повикувајќи се на неодамнешни пораки од американскиот претседател Доналд Трамп.

Британската позиција, од друга страна, останува непроменета. Лондон инсистира дека жителите на Фолкландските Острови имаат право сами да ја определат својата политичка иднина.

На референдумот од 2013 година, 99,8 проценти од гласачите што излегоа на гласање се изјаснија за задржување на статусот на британска прекуокеанска територија.

Мајли најави и изградба на поморска база во Огнена Земја, на крајниот југ на Аргентина, додека продолжува дипломатски да го актуализира прашањето за островите.

Спорот меѓу Аргентина и Велика Британија има долга историја. Во 1982 година Аргентина ги зазеде островите, по што следуваше 74-дневна војна со Велика Британија. Британските сили повторно воспоставија контрола, а во конфликтот загинаа 649 аргентински војници, 255 припадници на британските сили и тројца жители на островите.

Повеќе од четири децении подоцна, прашањето за суверенитетот останува нерешено меѓу двете земји, а новите планови за експлоатација на нафта повторно ги зголемуваат тензиите меѓу Буенос Аирес и Лондон.

Пронајдете не на следниве мрежи: