Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во наредните недели ќе го посети регионот, најави евроамбасадорот Михалис Рокас, изразувајќи надеж дека тоа ќе даде дополнителен поттик за европската интеграција, но и одлучувачки чекор кон почнување на пристапните преговори на земјата со Европската Унија(ЕУ).
Рокас денеска присуствуваше на настан на граничниот премин „Табановце“, а на новинарско прашање дали би можеле да очекуваме откочување на процесот за пристапни преговори со Европската Унија, рече дека во изминатиот период се вложуваат значителни напори за создавање услови за ваков чекор.
„Се надевам дека набргу ќе имаме регионална посета од страна на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа треба да се реализира за две до три недели, така што се надевам дека нејзината посета ќе биде уште еден одлучувачки чекор кон почнување на пристапните чекори со Европската Унија“, изјави Рокас.
На дополнително прашање дали има информации за носење уставни измени со одложено дејство со цел одблокирање на интегративниот процес, рече дека не може да сподели такви информации во јавноста.
На почетокот на месец јули, евроамбасадорот Рокас изјави дека зад радарот на јавноста се бара решение за деблокада на евроинтеграциите.
Рокас тогаш порача дека се прави многу работа која не е видлива за јавноста и дека се надева наскоро да се отвори патот за преговори на Македонија со ЕУ.
Северна Македонија има статус на кандидат за членка на ЕУ од 2005 година. Таа заедно со Албанија, во јули 2022 ја одржа Прва меѓувладина конференција со Брисел, но за втората и за отворање на кластерите во рамки на преговорите со ЕУ, треба да ги направи уставните измени со кои ќе ја вметне бугарската заедница во Преамбулата од Уставот, на барање на Бугарија.
Пораките што доаѓаат од високите претставници на Брисел во континуитет се дека Македонија треба да ги исполни преземените обврски, кои покрај реформите во неколку клучни области, ги вклучуваат и уставните измени кои произлегуваат од договорениот европски пакет од 2022 година.
Позицијата на актуелната влада предводена од премиерот Христијан Мицкоски е дека нема да се впушти во процес на донесување на уставните измени со кои се бара внесување на бугарското малцинство во Уставот, се додека не се добијат гаранции дека нема да има нови билатерални условувања од бугарска страна.



