Средби на ултра високо ниво во рамки на Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, со претставници на финансиската институција DFC, со државници и со влијателни тинк-тенк организации, најави вечерва премиерот Христијан Мицкоски кој утре со владина делегација заминува во посета на Соединетите Американски Држави (САД).
Мицкоски ќе престојува во Вашингтон, но ќе учествува и на годинашното собрание на Обединетите Нации во Њујорк. Како што информира, до овој момент нема во план средба со бугарската делегација.
-Што се однесува до мојата посета најпрво во Вашингтон, планирани се средби на ултра високо ниво во рамките на Сенатот, Конгресот и Стејт Департментот и средби на ултра високо ниво со претставници на DFC, тоа е финансиска институција која финансира проекти ширум светот што се најчесто високотехнолошки развиени. Тие се тука присутни преку својата инвестиција во проектот Крстодол или Антимон, познат во јавноста. Има од нивна страна пројавено интерес и за други проекти во делот на енергетиката и напредната технологија, така што сакам подлабоко да ги понудиме нашите капацитети. Исто така, со компании од воената индустрија кои сакаме да ги привлечеме да дојдат тука, кај нас. Во фаза сме на изработка нов закон со Министерството за одбрана, да го понудиме нашиот тренинг полигон Криволак, зашто чувствуваме дека на тој начин можеме да имаме уште побрз и уште подинамичен раст на економијата. Понатаму, средби со влијателни тинк-тенк организации и потоа се селиме во Њујорк, рече Мицкоски во вечерашното гостување во дневникот на МТВ.
Во Њујорк, нагласи, на маргините на годинашното Генерално собрание на ОН, ќе се сретне со голем број државници.
-Имаме веќе потврдени средби. Во принцип, се ориентиравме на соседството, се разбира, тука е оној прием, нормално, од страна на претседателот на Соединетите Американски Држави. Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски. Инаку, што се однесува на состанок со бугарската делегација, до овој момент немаме во план таква средба, напомена премиерот.
Прашан со каков став ќе настапи македонската делегација на средбата на лидери од Западен Балкан што за време на генералните собранија вообичаено ја организира делегацијата на Европската Унија во Њујорк во однос на условите на Бугарија за промена на Уставот и позицијата на Македонија за гаранции, Мицкоски повтори дека оваа Влада води јасна политика без да прави какви било естрадни потези.
-Ние ставовите не ги менуваме инстант или преку ноќ, зашто кога градиме став, тоа е процес што долго трае. Антиципираме сè што можеме во тој момент, така што нашите ставови се повеќеслојни, не се ставови што ад-хок ги градиме, па по потреба ги менуваме. Не правиме такви естрадни потези, водиме јасна политика која нуди гаранции на подолг рок. Тоа е стратегијата што ја има оваа Влада. Инаку, таков, да, состанок е потврден. Кој ќе присуствува – во зависност од нивото – дали јас или министерот за надворешни работи, доколку е шефови на држави или претседатели на влади, се разбира дека ќе бидам јас, доколку нивото е на ниво на министри за надворешни работи, тогаш министерот за надворешни работи ќе биде, рече Мицкоски.



