Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека руските сили во последните недели двапати се обиделе да го нападнат неговиот авион со беспилотни летала. Според неговите изјави дадени во интервју за CBS News, инцидентите се дел од руската стратегија за заплашување на него и на другите странски лидери.
Мојот претседателски авион беше во Молдавија и затоа ја нападнаа Молдавија. Кога се враќавме дома, повторно преку Кишињев, тие го направија истото, изјави Зеленски, додавајќи дека за време на враќањето претходно овој месец, едно или две беспилотни летала влегле во молдавскиот воздушен простор, што претходно не било пријавено.
Зеленски се осврна и на нападот со руски дрон врз патнички воз во близина на украинско-полската граница, во кој се наоѓале високи странски функционери, меѓу кои и поранешниот директор на ЦИА, Дејвид Петреус.
Можеби не знаеле дека таму имало некои Американци, или можеби, напротив, знаеле. Не им верувам. Мислам дека знаеле. Токму затоа што во тој воз имало Европејци, Американци, голема делегација, тие го нападнале, истакна украинскиот претседател.
Инаку, авионот со кој Зеленски требало да се врати во Украина од Молдавија полетал со задоцнување. Извор од Кабинетот на претседателот за „Суспилне“ потврди дека авионот не бил во воздух за време на движењето на рускиот дрон, туку останал на земја додека украинската страна ја следела ситуацијата. Молдавските власти соопштија дека дронот се урнал и експлодирал на околу 160 километри од аеродромот во Кишињев, додека тврдењата на норвешкиот премиер Јонас Гар Стере дека авионот „за малку избегнал“ погодок не беа официјално потврдени од Кишињев.



