Божиновска: Цртежите на учениците со попреченост ќе ги красат електроенергетските ормани

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска присуствуваше на настанот Partnerships for Inclusion: Turning ESG Commitments into Action, посветен на втората фаза од проектот EVN4Environment на „ЕВН Македонија“, реализиран во партнерство со „Раде Кончар ТЕП“. Во рамките на проектот беа опфатени 10 училишта и повеќе од 100 ученици. Преку едукативни и креативни работилници учениците создаваа пораки за заштита на животната средина, а нивните идеи потоа добија нова форма – како инспирација за дизајнот на електроенергетски ормани поставени во јавниот простор.

Министерството за енергетика, рудратсво и минерални суровини

На денешниот настан, на кој присуствуваа министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, главниот извршен директор на „ЕВН Македонија“, Волфганг Маер, и директорот на „Раде Кончар ТЕП“, Горан Антевски, двајца од учениците лично ги претставија своите креативни решенија и пред присутните сликаа на електроенергетските ормани, со што нивната креативност од училишната работилница се пресели во реалниот свет.

– Орманите се навистина прекрасни, но уште поубаво е она што стои зад нив. Зад секој цртеж има млад човек со талент, со идеја и со желба да биде дел од општеството. Кога една компанија како ЕВН ќе ја препознае таа креативност и ќе ѝ даде простор да стане видлива, ние всушност им даваме нешто многу поважно – надеж и чувство дека не се заборавени, дека не се исклучени и дека и за нив има место да создаваат, да придонесуваат и да ја покажат својата креативност. Посебна благодарност до целиот тим на „Раде Кончар ТЕП“ што препознаа вредност во оваа иницијатива и се вклучија со конкретен придонес. Со тоа покажаа дека компаниите може да направат многу повеќе од она што е нивната основна дејност – и да им покажат на овие млади луѓе дека нивниот талент, нивните идеи и нивната креативност имаат свое место. Токму преку вакви партнерства инклузијата станува реална, видлива и одржлива. Токму такви иницијативи треба да поддржуваме и да ги има сè повеќе – порача министерката Божиновска.

Таа ја истакна важноста на активното учество на компаниите нагласувајќи дека енергетскиот сектор, покрај својата основна улога во обезбедувањето сигурна и стабилна енергија, има простор да биде силен партнер и во создавањето поинклузивно општество.

– Кога компаниите, институциите и образовните установи работат заедно, можеме да создадеме промени што се чувствуваат директно во животот на луѓето. Сакам ваквите примери да ги гледаме сè почесто и кај други компании – затоа што секоја инвестиција во младите, во инклузијата и во еднаквите можности е инвестиција во иднината на нашето општество. Секој млад човек треба да има простор да покаже што знае и што може. Затоа ни се потребни повеќе вакви партнерства и повеќе компании што ќе отворат врата за инклузија – рече Божиновска.

Таа нагласи дека Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги поддржува ваквите и слични иницијативи, кои ги поврзуваат енергетиката, заштитата на животната средина, образованието, инклузијата и општествената одговорност.

Министерството, како што наведуваат, останува отворено за поддршка на иницијативи што носат конкретна корист за граѓаните и создаваат повеќе можности за младите, особено за оние на кои им е потребна дополнителна поддршка за целосно да го реализираат својот потенцијал.

Пронајдете не на следниве мрежи: