Дрон погоди разладна кула на нуклеарната централа Курск – МААЕ повика на максимална воена воздржаност

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) е информирана дека рано во четвртокот дрон ја погодил разладната кула на еден реакторски блок во нуклеарната централа Курск во Русија.

Според информациите доставени до МААЕ, реакторскиот блок во моментот на инцидентот бил во работа, но режимот на работа не бил променет. Нема пријавено ниту избувнување пожар.

Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Маријано Гроси, изјави дека сите напади врз нуклеарни објекти се неприфатливи бидејќи можат да ја загрозат нуклеарната безбедност и сигурност, без оглед на тоа каде се случуваат.

Гроси повторно повика на максимална воена воздржаност со цел да се спречи ризикот од нуклеарна несреќа.

Инцидентот е последен во серијата случаи со дронови во близина на руските и украинските нуклеарни постројки. Според податоците на Светската нуклеарна асоцијација, во јули 2026 година Русија ја информирала МААЕ дека дрон погодил и оштетил разладна кула на енергетски блок во изградба во комплексот Курск-2.

Во август 2025 година, руските власти соопштија и дека дрон паднал врз помошен трансформатор во централата Курск, при што избувнал пожар кој бил изгаснат. Тогаш било соопштено дека немало повредени и дека нивото на радијација останало нормално.

МААЕ во своите извештаи постојано предупредува дека воените активности во близина на нуклеарни постројки претставуваат ризик за нуклеарната безбедност. Агенцијата нагласува дека и инциденти без директно оштетување на реакторите можат да создадат опасност доколку бидат погодени системи неопходни за безбедното функционирање на постројката.

Засега нема информации дека најновиот инцидент предизвикал промена во работата на реакторскиот блок, пожар или радиолошко испуштање. МААЕ не наведува кој стои зад нападот.

Пронајдете не на следниве мрежи: