Посвоените лица во Македонија треба да добијат право да дознаат кои се нивните биолошки родители и да имаат пристап до документацијата за своето потекло, порача од Охрид Илија Јовановиќ, претседател на здружението „Градиме иднина“, пренесува МИА.
„Ова е горлив проблем, болна тема за посвоените кои трагаат по своите биолошки родители. За жал, живееме во лага“, рече Јовановиќ.
Тој информираше дека на работна средба со надлежното министерство и министерот Ѓоко Велковски било најавено формирање комисија која ќе работи на можни измени на законската регулатива.
Здружението бара измена или укинување на членот 123-а, за кој Јовановиќ тврди дека ги ограничува посвоените лица во пристапот до податоците за нивното биолошко потекло. Бараат и зачувување на изворниот идентитет во документацијата за посвојување.
„Како што им е дадено името од биолошките родители, така и да остане. Не смее целиот идентитет да се брише“, истакна тој.
Според Јовановиќ, многу посвоени лица со години се обидуваат преку социјалните мрежи и други канали да ги пронајдат своите биолошки родители, браќа, сестри и други роднини.
Тој предупреди дека непознавањето на биолошкото потекло може да создаде и сериозни проблеми во иднина.
„Не сакаме да дозволиме браќа и сестри да се разделуваат со посвојувањето, а потоа, не знаејќи дека се во сродство, да стапуваат во брак“, рече Јовановиќ, наведувајќи случај за кој тврди дека сродството било откриено дури по ДНК-анализа.
Јовановиќ ги повика посвоените лица да не се откажуваат од потрагата по своето потекло и најави продолжување на иницијативата за законски измени.
Поддршка за регионална соработка даде и Радиша Павловиќ од Србија, кој посочи дека земјите од поранешна Југославија треба заеднички да создадат механизам преку кој родителите и посвоените деца ќе можат полесно да дојдат до информации за своето потекло.
„Мора да направиме механизам за да можат и родителите и децата да дојдат до својата вистина. Колку и да е таа вистина болна, таа носи огромна болка и за родителите и за нивните деца“, рече Павловиќ.
Сродни организации од Македонија, Србија и Словенија најавија проширување на соработката и со организации од други земји во регионот.



