Марта Кос: Мојата визија е дека еден ден целиот Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа

„Денеска сме тука да работиме за подобри врски за луѓето од утрешнината“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос по нејзиното пристигнување на Меѓународната министерска конференција за Коридорот 8 во Софија.

„Бугарија е порта кон Европа за регионот на Црното Море, како и за Турција, а Западен Балкан игра многу важна улога на поврзување“, рече Кос.

Таа истакна дека во регионот се спроведуваат над 130 проекти, вклучително и за изградба на нови патишта и железници и за подобрување на граничните премини.

„Но, мојата визија како комесарка за проширување оди многу подалеку. Мојата визија е дека еден ден целиот Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа“, рече европската комесарка.

Според нејзините зборови, тогаш граничните премини и транспортните врски за кои се зборува денес повеќе нема да имаат исто значење, „затоа што ќе бидеме една Европа“.

„Една Европа што работи заедно – ова е визијата кон која работиме во Брисел, тука во Софија, на Западен Балкан и, секако, во земјите-членки“, додаде Кос.

Пронајдете не на следниве мрежи: