ВЛЕН: ММФ и Светската банка ги зголемуваат прогнозите, економијата е на добар пат

ММФ и Светската банка ги зголемуваат прогнозите, економијата е на добар пат, соопштија денеска од ВЛЕН.

– Економијата се движи во добра насока. Ова не го велиме ние, туку го потврдуваат две од најважните меѓународни финансиски институции – Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
Двете институции ги зголемија прогнозите за економскиот раст на земјата за оваа година. ММФ од 3,1 на 3,5 проценти, а Светската банка од 2,9 на 3,2 проценти.

Накратко кажано, двете институции очекуваат нашата економија да оствари подобри резултати од претходно предвидените. Овие процени ни даваат дополнителен поттик за работа, особено во економијата, за чие раководење ја презедовме одговорноста.
Светската банка ги издвојува инвестициите во инфраструктурата како еден од главните двигатели на економскиот раст.

Денеска во земјата имаме инфраструктурна експанзија.
Автопатот Скопје–Блаце се чека со децении. Неговото завршување веќе не е доведено во прашање. Како ВЛЕН, на оваа работа ќе ставиме ТОЧКА. Оваа врска со Косово е од директно значење за граѓаните, трговијата и нашите компании.

На Коридорот 8, кој за нас претставува стратешки проект, се реализираат делниците Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани и Кичево–Охрид. На 12 октомври го поставивме камен-темелникот и за делницата Букојчани–Кичево.
Автопатот Букојчани–Кичево ја заокружува важната алка во поврзувањето на Полошкиот регион со Кичево и Охрид, во коридорот што нè поврзува со Албанија и пристаништата на Јадранското Море.

Овие проекти треба да се гледаат како целина. Тие ги зајакнуваат врските со регионот и отвораат нови можности за нашата економија.
За еден бизнис, секој час изгубен на пат значи трошок. Побрзиот транспорт ги намалува трошоците, го олеснува снабдувањето и пристапот до нови пазари. Со тоа се создаваат услови компаниите да го прошират производството и да отвораат нови работни места.
Затоа, завршувањето на овие патишта останува еден од нашите главни приоритети во Владата.

Покрај инвестициите, за граѓаните се важни и секојдневните трошоци. И тука имаме многу јасна разлика.
Во мај 2024 година, за време на претходната власт, инфлацијата изнесуваше 4,5 проценти. Во септември оваа година, со нас во Владата, таа изнесуваше 2,7 проценти. Значи, разликата е како ден и ноќ.
Кога станува збор за горивата, ние сме меѓу земјите со најниски цени во регионот. Бензинот и дизелот кај нас се поевтини отколку во Хрватска, Словенија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Грција.

Само за споредба, бензинот од 95 октани кај нас чини 98,5 денари за литар, додека просечната цена во овие земји изнесува околу 115 денари. Тоа е разлика од околу 16 денари за секој литар. На овој начин се намалуваат трошоците на граѓаните, земјоделците и бизнисите.
Свесни сме дека многу семејства сè уште се соочуваат со тешкотии. Затоа поддршката за домашните бизниси и отворањето нови работни места се нашиот главен приоритет.
Владата предводена од ВЛЕН е во служба на луѓето што живеат од својот труд. Ним им должиме посветеност и резултати. Ова е патот што го избравме. Работа и само работа, велат од ВЛЕН.

Пронајдете не на следниве мрежи: