Албанскиот премиер Еди Рама тврди дека пред два дена бил неутрализиран дрон со експлозив, со кој наводно се планирало да биде нападната зградата на албанската влада и да се предизвика пожар во внатрешниот двор.
„Пред два дена беше неутрализиран дрон со експлозив, со кој се планираше да се погоди зградата на владата и да се запали внатрешниот двор“, изјави Рама во обраќање во живо на својата страница на Фејсбук.
Тој оцени дека ниту еден студент не би помислил да спроведе ваков план и посочи дека зад настанот стои „странска рака“. Рама изрази сомнеж и за можна вмешаност на Иран.
Изјавата доаѓа во период на повеќедневни насилни судири меѓу полицијата и демонстрантите во Тирана. Албанскиот премиер претходно ја осуди наводната вмешаност на странски фактори во протестите, тврдејќи дека нивната цел е да го попречат пристапувањето на Албанија во Европската Унија.



