Универзитетската клиника за психијатрија при ИЈЗ регистрира зголемување на бројот на пациенти кои бараат стручна помош поради психолошките последици од семејно насилство или насилство од партнер. Анализата на електронските здравствени картони покажува дека само во првите седум месеци од оваа година се регистрирани 101 случај, што е повеќе од вкупно 79 случаи регистрирани во текот на 2025 година.
Како што соопшти Клиниката, според податоците презентирани од проф. д-р Славица Арсова на предавањето „Форензички аспекти на семејното насилство: епидемиологија, последици по менталното здравје и терапевтската и форензичката улога на психијатарот“ одржано во рамките на Меѓународната конференција за форензичка психијатрија 2026 во Охрид, најголем број случаи во 2026 година е регистриран во март, кога се регистрирани 27 пациенти, во април 23 и во јуни 21 пациент. Клиниката нагласува дека овој период се совпаѓа со случајот во Скопско кога мајка скокнала од балкон со своето дете, откако претходно трпела години семејно насилство.
Истражувањето вклучува ретроспективен преглед на податоците во системот „Мој преглед“ за периодот од јануари 2025 до јули 2026 година, за пациенти со дијагнози од групата F43, кои се однесуваат на нарушувања поврзани со стрес.
Проф. Арсова нагласи дека податоците треба да се толкуваат како регистрирани медицински случаи и не мора да значат дека семејното насилство во општеството се зголемува. Според неа, бројките може да се должат и на подобро препознавање и документирање на случаите, како и на поефикасно упатување на пациентите во здравствените установи.
„Предавањето ја нагласува потребата здравствените работници да поставуваат прашања за безбедноста на пациентот, обезбедување безбеден простор, систематско документирање на видот и времетраењето на насилството и следење на протоколите за вклучување на сите надлежни институции. Препознавањето на насилството е важно за соодветна психијатриска поддршка, проценка на ризикот и поврзување на пациентите со потребната заштита“, се вели во соопштението.
Анализираните случаи покажуваат дека последиците од семејното насилство и насилството од интимен партнер ги засегаат сите возрасни групи. Просечната возраст на пациентите е 40 години, при што 19 лица се помлади од 18 години и 29 лица се постари од 60 години. Жените беа три пати позастапени од мажите.
Податоците на Клиниката се базираат на статистика од Министерството за внатрешни работи, според која бројот на пријави за семејно насилство се зголемил од 4.421 во 2022 година на 5.436 во 2025 година.
„Во 2025 година, во категориите на Министерството за внатрешни работи, најчесто како жртви биле регистрирани жени – 1.438, родители – 1.000 и поранешни сопружници – 708. Во истиот период се регистрирани 1.195 пријави поврзани со семејно насилство, во споредба со 1.117 во 2022 година“, нагласува клиниката.
The post Бројот на пациенти кои бараат помош поради семејно насилство се зголемува на Психијатриската клиника appeared first on Во Центар.



