Пораз за Грција: Парламентот на источна Либија едногласно го одобри договорот со Турција за поморските граници

Претставничкиот дом на Либија, парламентот со седиште во Бенгази, во вторник едногласно го ратификуваше меморандумот за разграничување на поморската јурисдикција во Средоземното Море, кој беше потпишан во 2019 година од страна на Турција и тогашната Влада на национално единство од Триполи.

Како што беше објавено на веб-страницата на либискиот парламент, пратениците едногласно ги откажаа две одлуки од 2020 година: онаа со која се отфрли ратификацијата на два меморандуми со Турција и онаа за прекинување на политичките односи со Анкара.

Договорот од 2019 година беше потпишан од Турција како одговор на грчките и кипарските претензии во источниот Медитеран, но чекаше години за формална потврда бидејќи Либија е поделена меѓу две администрации, на запад и на исток од земјата.

Притисок од Атина

„Мидл Ист Ај“, повикувајќи се на неименувани извори, пишува дека одлуката не е случајно изгласана на денот кога, според овие информации, шефот на турската разузнавачка служба, Ибрахим Калин, бил во Триполи. Според извор од Либија, Калин изградил блиски врски со Калифа Хафтар, воениот командант кој де факто владее со истокот на земјата.

Според истиот портал, регионални извори минатата година тврдеа дека Грција вршела силен притисок врз Хафтар да не го одобри договорот, бидејќи тој сериозно ги поткопува грчките поморски претензии во регионот.

Анкара во последните години ги обнови односите со Хафтар, а особено со неговиот син Садам. Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан го посети Бенгази за прв пат во август, каде што се сретна со Хафтар и неговите синови. Хафтар овој месец го разреши долгогодишниот претседател на парламентот, Агила Салех, и го замени со Ал-Салхин Абделнаби ал-Обеиди.

Аналитичарите: Пресвртна точка за Либија

Џалал Харчауи, експерт за Либија од британскиот институт RUSI, за Middle East Eye изјави дека ова е стратешки исклучително важен настан и пресвртница во либиската политика, што би можела да ја доближи поделената земја до политичко решение. Тој додаде дека Грција, Кипар, Израел и Обединетите Арапски Емирати веројатно се незадоволни од оваа одлука.

Билгехан Озтурк од Глобалниот институт за стратешки истражувања од Катар смета дека Турција може да му понуди на Хафтар она што Грција не може: помош во одбранбената индустрија, инвестиции и поддршка за прифаќање во меѓународната заедница.

Во август, претставниците на спротивставените либиски табори во Триполи прифатија договор поддржан од САД, во кој Турција учествуваше и како медијатор. Тој би можел да се искористи за одржување претседателски и парламентарни избори во следните две години.
The post Пораз за Грција: Парламентот на источна Либија едногласно го одобри договорот со Турција за поморските граници appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: